Стартува 24-часовното извозно царинење на Табановце
На граничниот премин Табановце од денеска почна да се врши 24-часовно стоково царинење без наплата за надоместок за престој на терминал.
За почеток е предвидено извозно царинење на лесно расиплива стока и стока која е едноставна за физички преглед. На официјалниот почеток на активностите присуствуваа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и директорот на Царинската управа Ванчо Каргов.
- Со последната инвестиција за изградба на автопатот до Табановце и оваа инвестиција на Царината, Владата директно им помага на македонските транспортери со можноста 24 часа во денот, седум дена во неделата, да се врши извозно царинење на граничниот премин, значи да нема губење време и одење во други испостави и да биде направена на наједноставен начин и без никакви трошоци за транспортерите, што секако ја подобрува нивната конкурентност и им помага во овие тешки времиња, изјави вицепремиерот Ставрески.
Според директорот на Царинската управа Каргов ваквиот начин на извозно царинење значително ќе го намали времето на извоз и трошоците како на извозниците, така и на превозниците.
За транспортерите ова е голема придобивка бидејќи се избегнува чекањето и одењето по други испостави.
- Сега се избегнува дополнително време за чекање, а движењето на стоката ќе биде поефикасно. Придобивка имаат и извозниците бидејќи се запазува цената на производот затоа што свежата стока вреди онолку колку што побрзо се достави до потрошувачите, оцени претседателката на МАКАМ ТРАНС Билјана Муратовска.
На граничниот премин на Табановце досега се извршуваа само транзитни формалности и патнички промет. Дваесет и четири часовното извозно царинење освен на Табановце претходно беше овозможено и на граничните премини Богородица, Меџитлија, Деве Баир, Делчево и Ново Село и Блаце.