Тодоров: Одобрени согласности за нови 200 вработувања во јавните здравствени установи
Владата на вчерашната седница донесе одлука до одобри 200 согласности за вработување медицински персонал во сите јавни здравствени установи ширум земјава.
- Ќе се вработуваат главно завршени специјалисти и специјализанти кои се на последните година или две на специјализација со цел во најбрз можен рок да бидат вклучени во процесот на работа пред се во установите каде има реална потреба од нови вработувања, рече министерот за здтавство Никола Тодоров на денешната прес-конференција.
Најголем дел од вработувањата, појасни, се заради природен одлив и за работа со новата медицинска опрема. Бенефит за Министерството ќе биде што ќе се вработуваат лица кои веднаш ќе можат да одговорат на потребите и што нема да бидат неопходни 10 до 15.000 евра по специјализант и период од околу пет години специјализација за нивно оспособување. Предност ќе имаат лицата кои досега волонтирале во здравствените установи, а со нововработените ќе бидат потпишани договори за доверба со кои ќе бидат обврзани одреден број на години да останат во јавниот здравстен сектор.
- Министерството за здравство претходно изготви сеопфатна анализа за потребата од дополнителен кадар потребен за оптимално ставање во функција на новата опрема. Заедно со анализата за природен одлив од јавните установи покажаа дека се неопходни 200 нови вработувања од областа на радиологијата, хируршките болести, интерна медицина, офталмологија, анестезиологија, ренген техничари, медицински сестри и друг медицински и немедицински кадар, појасни Тодоров.
Министерството пред два месеца, истакна, спроведе проект со објавувње оглас преку кој е направен регистар на 100-тина невработени специјалисти или специјализати. Ќе се спроведе повторен оглас на кој ќе се бараат дополнителен број на невработени специјалисти и специјализанти кои приватно специјализирале.
- Со претходно реализираните 200 и новите 200 вработувања, ќе бидат задоволени најголем дел од потребите во јавното здравство. За новоработените во Буџетот се предвидуваат по околу 1,5 милиони евра на годишно ниво, рече Тодоров.
Министерството за здравство, додаде, подготви дополнителен план за едукација на кадарот во јавните здравствени установи кој е потребен за новата опрема. Најголем дел од обуката за секундарното здравство ќе се спроведе во Скопје или, пак, во Белград, Загреб, Љубљана и Софија, додека специјалистите од терцијалносто здравство ќе се обучуваат во Австрија, Германија и Израел.