Македонија може да биде врата кон Европа за турските бизнисмени
Владиниот економски тим очекува зголемен интерес за инвестирање од турските компании во наредниот период, пред кои деновиве ги презентира можностите и предностите што ги нуди Македонија за странските инвеститори. Посетеноста на бизнис форумите е голема, а секторите во кои покажуваат интерес се металопреработувачката, автомобилската, дрвната, прехранбената индустрија.
- Убедени сме дека од овие посети ќе има барем неколку инвестиции за што, се разбира, ќе биде потребно одредено време, но македонската Влада продолжува со интензивно презентирање на Македонија во други држави. Има интерес на компании од лесната индустрија кои се прилично големи во Турција, имаат значителен извоз во европските земји, но бараат дестинации каде ќе формираат ново производство. Тука Македонија ја гледа својата шанса, бидејќи сме значително поблиску до Европа отколку Турција, изјави вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски по денешната презентација пред 220 компании во Газиантеп, еден од индустриските центри и најбрзорастечката општина во Турција.
Повикувајќи ги турските стопанственици да инвестираат во Македонија, Пешевски им посочи дека тоа треба да го направат затоа што имаат пристап до пазар од 650 милиони купувачи преку склучените договори за слободна трговија со повеќе земји, има одлична геостратешка положба за влез на европскиот пазар, ниски даноци, макроекономска стабилност, она што е важно за секој бизнис.
- Преземени се над стотици проекти за подобрување на бизнис климата - намалување на постапките, трошоците и директната интеракција меѓу државата и компаниите преку интернет, истакна Пешевски и додаде дека Владата во изминатите пет години со низа активности овозможи Македонија да прерасне во земја која се повеќе наликува на европските.
Претседателот на Тускон, Мехмет Али Мутафоглу, посочувајќи на важната геостратешка положба што ја има Македонија, на претставниците на компаниите им порача да ги искористат можностите и да инвестираат во Македонија пред другите странски инвеститори.
- Наскоро се очекува Македонија да ги подобри односите со ЕУ и треба уште отсега да влеземе на тој пазар, што поскоро и навреме да се позиционираме. Мислам дека можеме да бидеме први и треба да ја искористиме шансата, изјави Мехмет али Мутафоглу.
Презентациите продолжуваат во Измир и Бурса. Премиерот Никола Груевски, кој ја предводи делегацијата во Турција, денеска во Анкара ќе има средба со турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган.