Британска хај-тек компанија ќе инвестира во Македонија
Британска хај-тек компанија ќе инвестира во Македонија, со што ќе се отворат од 50 до 200 нови работни места, најави министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлески.
- Претходниве два дена имавме интезивни и успешни преговори со бизнисмените кои дојдоа заедно со принцот Мајкл од Кент. Многу сме блиску до договарање за отворање на нов Call-центар во Македонија во високата технологија, изјави вечерва Павлески на хуманитарната гала вечер организирана во чест на официјалната посета на Македонија од принцот Мајкл од Кент.
На инвеститорите, како што рече, претежно им се допаѓа тоа што Македонија има доста високо образована интелектуална работна сила.
- Овој Call-центар е она на што работевме поинтезивно во последниве неколку месеци за развивање на информатичката технологија во Република Македонија. Овие работни места ќе дојдат од земји како Англија, Јужна Африка, Индија, Русија и други места, посочи Павлески.
Според него, ова е многу значаен проект и покажува дека Македонија има доста висококвалитетна работна сила, посебно во информатичката технологија.
Тој изрази надеж дека со овој проект Македонија ќе привлече уште позначајни и поголеми инвестиции во оваа сфера.
Павлески информира дека со бизнисмените од Англија дискутрирале и за инвестиции во други сфери, во агрокултура, за градење на луксузни хотели во близина на некои од скијачките центри, а има заинтересираност и за концесии во рударството.