Макeдонско-турски бизнис форум во Бурса: Македонија вистинска адреса за турските компании

Традиционално добрите пријателски односи меѓу Македонија и Турција треба да се насочат и во економијата. Трговската размена да се унапреди и да достигне милијарда долари, а инвестициите кои ќе се реализираат 500 милиони.

Овa е пораката од макeдонско-турскиот бизнис форум што се одржа денеска во Бурса, на кој присуствуваа 400 компании од текстилната, прехранбената и автомобилската индустрија, градежништвото и земјоделството.

Обраќајки се пред присутните, премиерот Никола Груевски потенцира дека агендата што беше зацртана во Турција беше амбициозна, но со добра причина, а тоа е дека Турција е традиционално еден од најважните политички и економски сојузници на Република Македонија.

- Изминативе години сме сведоци на зголемен интерес кај турските бизнисмени за зајакнување на трговската соработка и повеќе инвестиции во многу сектори на македонската економија. Тоа за нас е потврда дека бизнис заедницата веќе ги препознава и цени суштинските реформи на деловното окружување на кои во континуитет работи Владата на Република Македонија. Иако ниту еден бизнис форум не може да го замени гласот на задоволните бизнисмени и инвеститори кои се веќе присутни во Македонија, бизнис форумите се одлична прилика да се потенцираат некои аспекти кои може да бидат причина повеќе Македонија да стане ваша бизнис дестинација, истакна Груевски.

Повикувајќи ги да ја посетат Македонија и да ги искористат поволностите што се нудат, рече дека Владата е подготвена да им излезе во пресрет и да им обезбеди максимална поддршка во реализација на нивните инвестиции и деловни потфати со македонските компании.

Според министерот за економија на Турција Зафер Чаглајан, трговските односи меѓу двете земји постојано се зголемуваат, но оти тоа не е доволно. Треба, посочи, да се достигне бројката од милијарда долари трговска размена, а турските инвестиции да бидат 500 милиони евра.

– Ако сакате да бидете во Европа, нема подобра адреса од Македонија, им порача тој на присутните стопанственици, додавајќи дека не треба да мислат дека Македонија е мала, туку дека е важен економски и трговски центар.

Денешниот форум во Бурса е последната економска презентација на премиерот Груевски и владиниот тим за време на петдневната посета на Турција. Ги претставија можностите и предностите за инвестирање пред 1.700 турски компании присутни на организираните форуми во Истанбул, Кајсери, Коња, Газиантеп и Измир. За време на посетата премиерот Груевски во Анкара имаше и средба со својот турски колега Реџеп Таип Ердоган.

Во Бурса денеска беше потпишан и протокол за соработка меѓу Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони на Македонија и Дирекцијата на организираните индустриски зони на Турција. Протоколот предвидува размена на искуства и информации меѓу дирекциите и 19-те оператори на зоните во Турција.