Петнаесетти состанок на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, Брисел, 19 март 2019 година

Петнаесетти состанок на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија

Брисел, 19 март 2019 година

ЗАЕДНИЧКО СООПШТЕНИЕ
 

Петнаесеттиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија се одржа на 19 март 2019 година.

Советот за стабилизација и асоцијација потсети дека Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) останува во сржта на односите меѓу ЕУ и Република Северна Македонија сѐ додека земјата не влезе во ЕУ. Советот за стабилизација и асоцијација ја зеде предвид главната цел на земјата да отпочне преговори за пристапување и ја потврди силната посветеност на новата Влада кон оваа цел. Советот за стабилизација и асоцијација го поздрави фактот дека Европскиот совет го утврди патот кон отворање на преговорите за пристапување во јуни 2019 врз основа на континуиран напредок и опипливи резултати, со одржување и продлабочување на сегашната реформска динамика. Советот за стабилизација и асоцијација ја зеде предвид намерата на Комисијата и Владата да ја започнат неопходната подготвителна работа.

 

 

Во врска со добрососедските односи, Советот за стабилизација и асоцијацијасилно го поздрави и поддржа договорот меѓу Атина и Скопје за прашањето за името и за воспоставување на стратешко партнерство. Ова е историски чекор, кој претставува пример за регионот на Западен Балкан и пошироко. Овој договор, заедно со Договорот помеѓу Бугарија и Република Северна Македонија за пријателство, добрососедство и соработка, поставува силен пример за другите во регионот и пошироко за зајакнување на добрососедските односи.

Советот за стабилизација и асоцијација ја нагласи важноста од континуирано спроведување на овие договори во духот на добра волја и ја нотираше заложбата на владата во за оваа цел. Советот за стабилизација и асоцијација ги разгледа клучните случувања во текот на претходниот период во врска со исполнувањето на политичките критериуми, како и состојбата во врска со економските критериуми и финансиската соработка.

Во врска со политичките критериуми, Советот за стабилизација и асоцијација ги поздрави значајните чекори што ги презема владата за унапредување на реформите поврзани со ЕУ, на транспарентен и инклузивен начин, како и позитивните промени во општата атмосфера во земјата. Потврдувајќи ги досегашните достигнувања, Советот за стабилизација и асоцијација ја охрабри Република Северна Македонија да ги продолжи своите напори во текот на следните месеци за да продолжи со законодавните мерки и да го зајакне спроведувањето на реформите, особено во областите што ги утврди Советот во јуни 2018 година, како што се судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реформата на разузнавачките служби и јавната администрација. Советот за стабилизација и асоцијација ја охрабри Владата, опозициските партии, граѓанското општество и другите засегнати страни да продолжат да соработуваат едни со други. ЕУ ги повикува сите парламентарни партии да ги остават своите поделби настрана и да работат заеднички на исполнување на реформската агенда и на заедничката стратешка цел за интеграција во ЕУ, во корист на сите граѓани.

Во врска со владеење на правото, Советот за стабилизација и асоцијација потврди дека се усвоени законски измени за да се одговори на „Итните реформски приоритети“, препораките на Венецијанската комисија и оние на Високата експертска група за системски прашања за владеењето на правото, што имааа за цел позитивно да влијаат врз независноста на судствотото. Советот за стабилизација и асоцијација го поздрави континуираниот напредок направен во истрагите спроведени од страна на Специјалното јавно обвинителство за воспоставување правна одговорност за прислушувањето. Ја истакна важноста на одржливо решение за идниот статус на Специјалното јавно обвинителство, што е во согласност со Стратегијата за реформа на судството. Советот за стабилизација и асоцијација потсети на важноста за одговорност за нападот врз Собранието од 27 април 2017г. Советот за стабилизација и асоцијација го поздрави и напредокот направен во измена и правната рамка за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Тој ги поздрави итните чекори преземени за спроведување на новиот закон и фактот дека новата Државна комисија за спречување на корупцијата била именувана на ефикасен, инклузивен и транспарентен начин. Ја охрабри Република Северна Македонија понатаму да ги засили проактивните истраги, обвиненија и конечни пресуди во случаите на корупција и организиран криминал, вклучително и тие на високо ниво.

Советот за стабилизација и асоцијација го поздрави спроведувањето на реформата на следењето на комуникациите со ефективно воспоставување на Оперативната техничка агенција и започнување на работата поврзана со реформа на разузнавачките служби. Советот ја охрабри Владата понатаму да ги интензивира овие реформи во соработка со НАТО и со стратешките партнери. 

Во врска со реформата на јавната администрација, Советот за стабилизација и асоцијација ја зеде предвид тековната имплементација на Стратегијата за реформата на јавната администрација и Програмата за реформи во управувањето со јавните финансии. Советот потврди дека се направени конкретни напори за зголемување на транспарентноста и одговорноста и подобрување на консултациите во креирањето политики. Советот за стабилизација и асоцијација повтори дека секое вработување, назначување или разрешување мора да ги почитува принципите на јавната администрација која е деполитизирана и заснована на заслуги, на транспарентност и правична застапеност, во согласност со духот и писмото на релевантното законодавство за работни места во државната служба.

Во врска со односите меѓу заедниците, Советот за стабилизација и асоцијација оцени дека,во целина, ситуацијата продолжува да биде мирна, потсетувајќи дека за тоа е неопходно континуирано ангажирање. Владата го подвлече концептот „едно општество за сите“ и преземените чекори за градење на поголема доверба меѓу заедниците. Советот повтори дека Охридскиот рамковен договор и понатаму е суштински елемент за демократијата и стабилноста во земјата, како дел од нејзиниот уставен поредок.

Советот за стабилизација и асоцијација го поздрави континуираното активно учество на земјата и конструктивниот пристап на земјата во иницијативите за регионалната соработка.

Советот за стабилизација и асоцијација оддаде признание за континуираните напори на Република Северна Македонија и конструктивната соработка во решавањето на прашањето за нерегуларната миграција и ја охрабри земјата да го одржи својот ангажман во оваа област.

Советот за стабилизација и асоцијација позитивно ја нотира зголемена усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ од страна на земјата и ја охрабри Република Северна Македонија и понатаму да го подобрува нивото на усогласеноста.

Во врска со економските случувања, Советот за стабилизација и асоцијација се осврна на таргетираните политички насоки договорени во мај 2018 година помеѓу ЕУ и Западен Балкан и Турција за Програмите за економски реформи и ја охрабри Владата понатаму да ја зајакне нивната имплементација и нивно доследно следење. Владата ја подвлече својата заложба за подобрување на економските перформанси и да го зајакне целокупниот резултат во економијата, со особено охрабрувачките резултати во приловот на странските директни инвестиции во 2018. Советот исто така го нотираше добриот степен на подготовка за развивање на фукнционалната пазарна економија и ја повика земјата да ги адресира преостанатите клучни предизвици.

Советот за стабилизација и асоцијација ја истакна важноста на националните власти да продолжат да ги применуваат препораките на Европскиот суд на ревизори. Особено, националните власти треба да ги зголемат своите напори за ширење на најдобрите практики во спроведувањето на претпристапната помош од ЕУ низ целата јавна администрација. Исто така ја истакна важноста на здравото финансиско управување и потребата за целосна усогласеност со критериумите за секторски пристап.

Неодамнешниот премин во втората фаза на Спогодбата за стабилизација и асоцијација беше исто така поздравен.

Со состанокот претседаваше премиерот Зоран Заев, кој ја предводеше делегацијата на Република Северна Македонија. Замениците на Премиерот, Бујар Османи и Радмила Шекеринска, како и министерот за надворешни работи Никола Димитров, исто така присуствуваа на состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација. Високиот претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика/потпретседател на Комисијата, Федерика Могерини, ја предводеше делегацијата на ЕУ додека комесарот за европска соседска политика и преговри за проширување, Јоханес Хан ја претставуваше Европската комисија.