Клиниката за очни болести во Скопје доби современа медицинска опрема
Нова современа медицинска опрема денеска доби Клиниката за очни болести во Скопје. Станува збор за инвестиција од еден милион евра што е дел од вкупната набавка на офталмолошки апарати за јавните здравствени установи вредна три милиони евра.
Клиниката е опремена со последната генерација апарати за дијагностика на очни болести како што се оптички томограф и ретинална камера, како и со опрема за офталмолошка амбуланта: биомикроскоп, тонометар, сет за ортооптика, офталмоскопи и апаратура за изведување хируршки зафати.
Опремата беше официјално пуштена во употреба во присуство на премиерот Никола Груевски и министрите за здравство и за образование Никола Тодоров и Панче Кралев.
Министерот за здравство Никола Тодоров оцени дека новата апаратура ќе овозможи апликација на многу современи методи за коишто досега пациентите биле препраќани на некои од приватните клиники или во странство.
- Со оваа опрема ќе се овозможи не само третирање на поголем број пациенти, туку и поквалитетно третирање, ќе се намали листата на чекање и ќе се зголеми квалитетот на целата здравствена услуга. Станува збор за инвестиција што не е направена во последните 10-тина години, изјави Тодоров.
Тој информираше дека од 18 септември ќе се започне со обуки за посебни методи што се работеле во државата, додавајќи дека за апаратите за дијагностика веќе има обучен кадар.
- На тој начин за половина или година дена ќе бидеме во чекор со сите офталомолошки клиники во регионот и една од подобро опремените и добро развиените офталмолошки клиники, рече Тодоров.
Дел од опремата инсталирана на Клиниката за очни болести е и Оптичко-кохерентата томографска лабораторија вредна околу девет милиони денари.
Таа, според министерот за образование и наука Панче Кралев, ќе им помогне на професорите, докторите и на сите оние што сакаат да работат во делот на научно истражувачката дејност.
Тој најави дека проектот за опремување на лаборатории продолжува и понатаму, додавајќи дека во делот на медицинските науки се предвидени 11 милиони евра.
Директорот на Клиниката за офталмологија Илаз Исмаили изјави дека со опремата се подготвени да им конкурираат на приватните и на болниците во регионот.
Останатите набавени офталмолошки апарати ќе се инсталираат во повеќе од 20 здравствени установи низ државата како што се клиничките болници во Битола, Штип и Тетово, очните одделенија во болниците во Прилеп, Гостивар, Куманово, Охрид, Струмица, Велес, Кочани, Кратово, Гевгелија, Радовиш, Дебар и Кавадарци и офталмолошките одделенија во поликлиниките Јане Сандански, Бит Пазар и во албулантата „Железничар“ во Скопје и во здравствените домови во Свети Николе и Ресен.