Во програмата на Владата 2017-2020 се предвидени многу мерки кои се однесуваат на подобрување на статусот на младите. Што е до сега реализирано или е во завршна фаза на реализаиција? Дали се планираат мерки за да се спречи иселувањето на младите?

Датум на поставено прашање: 
23.03.2019

За оперативниот план за вработување во 2019 година обезбедени се 1,1 милијарда денари, односно највисок износ досега и со овој план посебен акцент се става на младите невработени лица до 29 години преку доквалификација, вработување на најранливите категории, но и поддршка на стартапите и иновативните бизнис идеи за сопствен бизнис.  Додека со новите мерки во Оперативниот план обезбедени се над 43 милиони денари за развој на дигитални вештини и нови работни места во оваа сфера. Со оваа мерка се опфатени 1.323 невработени млади лица до 34 години. Преку различни обуки и прекфалификации овие млади ќе имаат можност да се вработат.

Проектот гаранцијата за млади оваа година се имплементира на територија на целата држава со посебен акцент на трите региони: североисточен, југозападен и полошки и се планира да се опфатат околу 9.500 невработени млади лица кои во период од 4 месеци по евиденцијата во Агенцијата за вработување ќе добијат активација. Со ова се овозможува младите да живеат самостојно и финансиски да се стабилни.

Исто така, државата нуди можности на младите да аплицираат за учество во програмата самовработување, субвенционирање на плати, обука на работно место кај познат работодавач, обука за стручни квалификации според барање на работодавачите, обука за побарувани занаети, програмата практиканство и програмата за работно ангажирање - јавни работи. Овие програми и мерки ќе бидат отворени за апликација се додека не се пополни предвидениот опфат на корисници и не се исцрпат финансиските средства предвидени за реализација.

Дополнително преку поддршката што се дава преку Фондот за иновации, им оставаме простор на младите да се натпреваруваат со знаења, идеи, решенија и можност да влијаат да ги менуваат општествените текови.

Со политичка стабилизација на државата и интегрирање во Европската Унија и НАТО, сите важни алатки и механизми во општеството нудат и овозможуваат на младите да останат во државата, овде да се развиваат и да го реализираат својот потенцијал.