Стратешка сесија во Атлантскиот совет на САД со министрите Попоски и Бесими
Министерот Попоски ги презентираше надворешно-политичките активности на Владата на Република Македонија во поглед на евро-атлантската интеграција. Истакна дека Република Македонија од својата независност ги вреднува и имплементира вредностите врз кои се заснова евро-атланстката изградба. Укажа дека во своето делување, Република Македонија е водена од принципите на конструктивност, отвореност и зрелост. Потенцираше дека Македонија гледа на проширувањето на НАТО како на процес кој мора да продолжи и во таа насока делува конструктивно како де-факто член на Алијансата.
Министерот Бесими ги презентираше реформите во доменот на одбраната во функција на исполнување на стандардите на НАТО и информира за учеството на Армијата на Република Македонија во меѓународните мировни мисии. Истакна дека за овие прашања постои консензус од страна на сите политички партии во земјата, но и голема поддршка и од граѓаните на Република Македонија. Подвлече дека членството во Алијансата е исклучително важно за мирот, стабилноста и развојот не само на Република Македонија, туку и пошироко на целиот регион на Југоисточна Европа.