Македонија и Србија потпишаа договори за безбедност на храна и за фитосанитарна соработка
Министрите за земјоделство на Македонија и на Србија Љупчо Димовски и Душан Петровиќ денеска во Белград потпишаа Договор за фитосанитарна соработка. Истовремено е склучена и Спогодба за безбедност на храна и ветеринарство што ја потпишаа Петровиќ и директорот на македонската Агенција за храна и ветеринарство Дејан Рунтевски.
Договорите ќе важат пет години, а целта е обезбедување непречен промет на растенија и животни, на растителни и производи од животинско потекло без ограничување на надворешната трговска размена.
Документот за фитосанитарна соработка гарантира заштита на териториите на двете држави од увезување штетни организми преку растенијата и растителните производи, но и ограничување на губитоците што настануваат како последица на нивното делување. Воедно е во согласност со Меѓународната конвенција за заштита на растенијата.
Спогодбата за безбедност на храна и ветеринарство, пак, ќе овозможи унапредување на соработката, полесен промет на животни и производи од животинско потекло, храна и храна за животни, како и заштита на животот и здравјето на луѓето. Нејзината имплементација ќе ги поттикнат научните, технолошките и деловните односи кои ќе создадат услови за зголемување на извозот меѓу Македонија и Србија.
Потпишувањето на двете спогодби практично ќе значи меѓусебно признавање на документите кои се издаваат при контрола на прехранбените производи. Со него се исполни уште една обврска од имплементација на ЦЕФТА 2006 во правец на постигнување целосна либерализација на трговијата.
На потпишувањето на договорите присуствуваа претставници од Земјоделската комора на Србија и од Стопанската комора на Македонија.
Вкупната трговска размена на Република Македонија со Република Србија во периодот јануари-ноември 2011 година достигна 751,7 милиони долари. Остварен е извоз во вредност од 304,9 милиони долари, а увозното салдо достигна 446,8 милиони.
Земјоделско-прехранбените производи учествуваат со 40 отсто во вкупниот македонски извоз кон Србија и со 33,5 проценти во вкупниот увоз од Србија.
Според Стопанската комора, во овој период Србија е втор најважен партнер во надворешно-трговската размена на Македонија, зад Германија.