Портпаролот на Владата на Република Северна Македонија, Миле Бошњаковски на панел дискусија на темата „Тајните зад лажните вести“: Активната транспарентност и вистината се најсилно оружје против лажните вести

Портпаролот на Владата на Република Северна Македонија, Миле Бошњаковски, на покана на Универзитетот Американ Колеџ, зеде учество на панел дискусијата на тема „Тајните зад лажните вести“.

Во своето обраќање на темата, портпаролот Бошњаковски како пример за негативните импликации од лажните вести ја наведе кампањата на дезинформации и лажни вести поврзани со договорот помеѓу нашата земја и Грција, како одлична студија на случај.

 

 

Дезинформациите поврзани со Договорот од Преспа во најголема мерка се фокусираа на искривени интерпретации на делови од Договорот поврзани со теми со најголеми емотивен набој - етничкиот идентитет, именувањето на јазикот, како и значењето на други термини што произлегуваа од идентитетските прашања, посочи Бошњаковски и нагласи дека кампањата сепак не успеа заради тоа што се соочи со вистината, како најсилно оружје против лажните вести.

„Во една земја, активната транспарентност е најголем непријател на лажните вести и дезинформациите. Клучот е во новинарската фела, не само на национално ниво, туку и на регионално. Да се саморегулира и се држи до етичките и морални стандарди. Владите и сите политички субјекти мораат да ги поддржат овие стандарди“, рече Бошњаковски и потенцираше дека исклучително важно е и образованието, формалното и неформалното, и дека Владата на РСМ е подготвена да ја отвори дебатата за усовршување на сегашните образовни програми за поддршка на системско присуство на медиумската писменост.