Владата на Република Северна Македонија на денешната 131 седница ја разгледа и усвои Информацијата од одржаниот состанок на Надзорниот одбор за супервизија и следење на напредокот во имплементацијата на системот за итни повици Е-112 во Република Македонија, и ги задолжи Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, Министерството за одбрана, Министерството за финансии и Секретаријатот за европски прашања во рок од десет дена да номинираат свои претставници во Надзорниот одбор за супервизија и следење на напредокот во имплементацијата на Е-112 и да ги достават до Центарот за управување со кризи.
Како дополнителен заклучок на седницата Владата на РСМ го задолжи Генералниот секретаријат редовно да ја информира Владата за напредокот во имплементацијата на системот за итни повици Е-112 кој произлегува како обврска од усогласувањата со праксата на Европската Унија за воспоставување комуникациско-информативен систем и единствениот европски број за итни повици во сите земји на унијата.
На денешната седница е разгледана и усвоена Информацијата за зголемување на учеството на државите-членки во буџетот на Фондот за Западен Балкан, во функција на реализација на програмските активности, и донесе заклучок да го задолжи Министерството за надворешни работи во рамки на својата координација со Фондот за Западен Балкан да ја потврди подготвеноста на Република Северна Македонија, почнувајќи од 2019 година, за уплата на зголемени годишни контрибуции кон буџетот на Фондот за Западен Балкан, утврдени на износ од шеесет илјади евра (60.000 евра) годишно односно 3.690.000 денари во денарска противвредност.
На оваа своја 131 седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за Планирање и проценка (PARP), согласно редовната обврска за планирање на одбранбените капацитети на Република Северна Македонија за 2019 година, и го задолжува Министерството за одбрана да ги реализира подготовките за мултилатералните консултации со НАТО за финализирање на PARP Проценката 2019 на Република Северна Македонија до 30 јуни 2019 година, до кога овој документ треба да биде доставен во Главниот Штаб на алијансата во Брисел.
За имплементацијата на преземените обврски, Министерството за одбрана треба да ја информира Владата на РСМ најдоцна до 31 јули 2019 година.
На седницата одржана денеска, Владата донесе Решение за формирање на Kомисија за спроведување на постапката за доделување на Договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за изградба на нов систем за дистрибуција на природен гас на територијата на Република Македонија.
Комисијата има за цел да ја спроведе целокупната постапка за доделување на договорот за воспоставување на јавно приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас во Република Северна Македонија по пат на јавен повик за избор на јавен партнер со постапка на конкурентен дијалог со е-аукција, односно да го подготви јавниот повик, тендерска документација, вклучувајќи го и нацртот на договорот, и да изврши евалуација и изготви извештај за евалуација на понудите како и да достави до Владата предлог за избор на најповолен понудувач за избор на јавен партнер за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас во Република Северна Македонија или предлог за поништување на постапка.