Сарачини: Граѓаните ќе добиваат по 300 евра надомест за секој вграден сончев колектор

Министерството за економија надоместува 30 отсто или максимум 300 евра од трошоците на секое семејство за вграден сончев колектор. Граѓаните може да аплицираат за овие средства на огласот кој е веќе објавен и ќе трае до крајот на мај годинава.

Како што соопшти денеска ресорниот министер Ваљон Сарачини, со вкупно одвоените шест милиони евра во буџетот, ќе се покријат околу 350 семејства.

- Апелирам до граѓаните масовно да се пријават на јавниот повик. Процедурата е многу едноставна, се пополнуваат соодветен образец и барање, но треба да се достави и фактура за вграден колектор, рече Сарачини на прес-конференција, додавајќи дека изборот на апликантите ќе биде јавен и е предвиден за јуни.

Според него, цените на енергенските стануваат се повисоки, а Македонија има оргомен потенцијал за искористрување на сончевата енергија.

- Моментно речиси 2.500 семејства имаат инсталирано сончеви колектори што, според нашите анализи, значи годишна заштеда од 10.000 денари. Ако сите 600.000 семејства вградат колектори, годишната заштеда би била околу шест милијарди денари, посочи министерот.

Со цел зголемување на интересот и подигнување на свеста кај граѓаните за вградување сончеви колектори и искористување на средствата за поддршка, Министерството за економија овој и идниот месец ќе ја интензивира кампањата.

Досега Програма за надоместување на средствата за инсталирани сончеви колектори се реализираше секоја втора година, но отсега тоа ќе биде пракса секоја година.