Поради снежното невреме во 28 општини целосно прекината наставата
Министерот за образование и наука Панче Кралев денеска информираше дека поради снежното невреме во 28 општини низ Македонија во моментов има целосен прекин на наставата, односно наставата не се одвива во 124 училишта, од кои 15 средни и 109 основни.
- МОН апелира до сите општини да направат проценка во основните и средни училишта на нивна територија и да донесат одлука дали наставата треба да се одвива тековно, со скратени часови или целосно прекинување на наставата, рече Кралев на денешната прес-конференција.
Министерот додаде дека МОН е во континуирана комуникација со сите општини за добивање информации за состојбите во училиштата и потенцираше дека изгубените часови заради невремето ќе мора да се одработат во иднина.
- Повторно препорачуваме проценката за скратување на часовите и прекинување на наставата да остане на советите на општините, бидејќи ние не можеме да им наредиме на општините што да прават. Доколку продолжи снежното невреме, ќе треба да се донесе генерална препорака дали наставата низ државата ќе продолжи, истакна Кралев.