Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев придружуван од заменик на претседателот задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, денеска учествуваше на работен појадок со Сојузот на стопански комори.
На покана на претседателката на Сојузот на стопански комори, г-ѓа Данела Арсовска, која им посака добредојде на присутните, премиерот Зоран Заев имаше свое поздравно обраќање, при што се заблагодари на поканата и на здравата можност, како што рече, да јавната администрација соработува со деловната заедница и користи вакви можности.
„Ја прогласивме оваа година на економијата и надежно влеговме во 2019 година, но од неа ќе максимизираме секако ако внимателно ги слушаме вашите сугестии, предлози и колку што е можно повеќе од тоа, имплементираме.
Нашата земја е во една фаза на прогрес и просперитет, како Влада веруваме дека можеме да имаме одлични економски резултати ако навистина сето тоа што претставува очекување за дигањето на економскиот стандард за граѓаните го спроведеме токму преку здраво и одржливо јакнење на приватниот сектор и компаниите“, потенцираше премиерот Заев.
Преку процес на консултации со Комората, премиерот Заев истакна неколку мерки што се веќе имплементирани и даваат резултат. Минатата година преку финансиската поддршка на програмата за развојот во индустриското производство, мотивирани се 188 милион евра од домашните инвестиции, директно поддржани преку владините програми.
„Од 1 ви јули ќе започне повратокот на данокот на додадена вредност (ДДВ), што потекнува токму од Сојузот на стопанските комори, којшто е најагилен поради тоа што најголем дел од малите и средните претпријатија се исто така тука концентрирани, а тоа е идејата, микро укажувањата, деталите околу сивата економија која што постои во државата, а прави голема дисторзија на сето тоа што претставува легално работење, но дефинитивно прави и големи проблеми на државниот буџет и ги намалува севкупните ресурси. 30% се нашите проценки дека е даночната евазија на ДДВ. Сето тоа треба навистина преку една ваква мерка да отклони голем процент од сивата економија во државата и да помогне во севкупната јавна потрошувачка на граѓаните со намера да се пуштат помеѓу 70 и 100 милиони евра на граѓаните директно преку оваа мерка. Дефинитивно очекуваме над 50, а можеби и до 100 милиони евра, во зависност од успешноста, и зајакнување на Буџетот“, рече премиерот Заев.
За постигнатиот раст на БДП во последниот квартал од минатата година, кој достигна 3,7 проценти, премиерот Заев рече дека е генериран од приватниот сектор и реалната економија, што е нова вредност во економијата и гарантира одржливост на долг рок.
„За првиот квартал од оваа година очекуваме над 4% економски раст, благодарение на вас, а не на инвестиции во јавни згради, споменици или музеи. Тоа е реален раст и реинвестирана добивка со конечна цел храбро да чекорите во одржувањето на вашите бизниси, нивното проширување, па дури и започнување на нови бизниси. Апелирам да преземете храбри чекори и да влезете во нови дејности што се поатрактивни, доходовни и профитабилни на светските пазари. Конечниот интерес на државата е раст на БДП, а со тоа и стандардот, отворањето на колку што е можно нови работни места, но и дефинитивно зголемување на извозот на домашното производство“, рече на крај премиерот Заев.
Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, истакна дека во изминатите две години, Владата посветено работеше на креирање мерки и програми со кои ќе се обезбеди поддршка за македонското стопанство и ќе се обезбеди економски резултат, а притоа да не се меша во работата на компаниите. Тој дополни дека во последниот квартал на 2018 година е забележан раст на БДП од 3,7% и дополни дека е особено задоволен што растот на БДП е резултат од работата на реалната економија, а не од реализација на владини проекти, како што беше во минатото. Воедно спомена дека во само шест квартали, направен е напредок од дури 5,5% раст на БДП, односно од -1,8 во вториот квартал на 2017 до 3,7% во четвртиот квартал на 2018 година.
„Четирите главни гранки: индустријата, градежништвото, земјоделството, кои во најголема мера придонесуваат во структурата на бруто домашниот производ се поставени на добри основи и очекуваме позитивни резултати, односно позитивни стапки на раст на БДП и во првиот квартал на 2019 година. Растот на индустриското производство од околу 9% во првиот квартал на 2019 година е добар сигнал за позитивните стапки на раст на БДП, а и градежништвото се враќа во нормалните текови“, потенцира Анѓушев.
Вицепремиерот нагласи дека оваа година во буџетот на Владата, за спроведување на економската програма се детерминирани 47% повеќе средства во однос на 2018 година, наменети за поддршка на нови инвестиции на домашни и странски компании, технолошки развој и иновации на компаниите, подигнување на конкурентноста, поддршка за исплаќање на повисоки плати, но и за мерките од оперативниот план за вработување, гасификација, железница и инфраструктурни зафати на технолошко-индустриските развојни зони.
„Реалност е дека имаме рекорден износ на странски директни инвестиции во 2018 година, во висина од 624 милиони евра, што е за 82% повеќе од претходно најдобрата 2011 година. Се реализираат инвестициски проекти на 19 странски компании и надвор од нив. Со оглед на тоа што веќе е објавено во чешките медиуми, сега може и ние да објавиме, дека чешката компанија Локо Транс донесе одлука за изградба на фабрика за шински возила во општина Гази Баба, инвестиција која ќе изнесува околу 20 милиони евра“, подвлече вицепремиерот.
Анѓушев посочи дека согласно доставените годишни финансиски извештаи, оваа година околу 4000 компании во земјата имаат можност да аплицираат за некоја од мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Тој ги повика сопствениците на овие компании да аплицираат, бидејќи сите компании кои исполнуваат услови, согласно Законот ќе добијат финансиска поддршка од државата, независно од нивната големина, дали се странски или домашни. Уште дополни дека се усвоени измените и дополните на Законот за финансиска поддршка со кои значително се олеснуваат административните процедури и се проширува опфатот на компании кои може да аплицираат за државна поддршка.
Со влезот во НАТО, очекуван до крајот на оваа година, најдоцна почетокот на 2020 година, и добивањето на датумот за почеток на преговорите, периодот на отворање на поглавјата со ЕУ, претставува период на отворање на фондови и огромни бенефиции од ЕУ и членството во НАТО, период што е од огромна полза на деловната заедница и сериозно препознаен од странските компании, кои сé повеќе и повеќе се присутни во земјата.
На работниот појадок со Сојузот на стопански комори присутни беа и министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, министерот за образование и наука Арбер Адеми, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска.