Информатичко општество
Во последните десетина години, развојот на информатичкото општество во Република Македонија во однос на другите земји во регионот, а посебно во однос на земјите членки на Европската унија, бележи значителна стагнација. Оваа оцена е нотирана во истражувањето на Обединетите нации („E-Government Survey 2014: E-government for the Future We Want”), објавено во јуни 2014 година, во кое Македонија го зазема последното место во сите сегменти на анализата: најмал индекс за развој на е-влада од сите земји во регинот, најмал процент во нудење електронски сервиси кон граѓаните, најмал процент во учество на граѓаните во носењето одлуки во локалната и централната власт. Истиот резултат може да се види и во истражувањата на ЕУ, на Организацијата за економска соработка и развој (OECD) и на Светска банка.
Целта на Владата ќе биде развој на ИТ секторот (што ќе значи зголемување на извозот, намалување на невработеноста и градење македонски брендови) како и поедноставување и забрзување на комуникацијата помеѓу граѓаните и државната администрација користејќи токму ИКТ. За таа цел, Владата приоритетно ќе се посвети на создавање на електронски регистри како основа за сите електронски владини услуги кои се даваат на граѓаните и бизнисите.
Во поддршка на развојот на овој сектор, Владата ќе обезбедува целосна заштита на правата од интелектуална и индустриска сопственост во областа на информатичката технологија и ќе изработи Долгорочна национална стратегија за развој на информатичкото општество (во која ќе се предвиди и развој на електронска трговија).
Владата ќе поддржи формирање истражувачки единици во деловниот сектор, со цел ефикасен трансфер на современи технологии. Владата ќе води политика на намалување на данокот на добивка за информатика и информациони технологии на 5%.
Владата финансиски ќе го помогне пласманот на услуги и решенија од македонските ИКТ компании на светските пазари, како и преквалификацијата/доквалификацијата на високообразованите технички инженери (технолози, архитекти, машински и градежни инженери) во ИТ-инженери, со цел искористување на нивните информатички познавања и намалување на невработеноста на техничките кадри.
Владата ќе обезбеди даночни олеснувања за ИТ компании кои извезуваат софтвер и услуги. Со тоа ќе се овозможи зголемен девизен прилив, градење нови outsourcing ИТ компании и можност за нови вработувања.
Дополнително, Владата ќе ги преземе неопходните чекори за влез на трет мобилен оператор, за да ги намалиме цените на услугите и граѓаните да имаат поквалитетни услуги.
Владата во потполност ќе ги имплементира трите основни електронски регистри: регистарот на граѓани, адресниот регистар и регистарот на просторни податоци. Овие регистри се основа за сите електронски владини услуги кои се даваат на граѓаните и бизнисите преку системите кои се користат во државната администрација (матични книги, единствен избирачки список и др.), како и основа за сите активности што треба да се преземат за реализација на пописот на населението во Македонија.
Максимално ќе се развива е-владата и владините сервиси кон граѓаните и бизнисите, заради забрзување на процедурите во администрацијата и намалување на трошоците. Со примена на најмодерните ИКТ мерки и стратегии, ќе се подобри транспарентноста во работењето на владините институции преку целосна примена на концептот на отворена влада (Open Government). На овој начин, ќе се намалува и можноста за дискрециони одлуки, дискриминација по било кој основ и ќе се засили борбата против криминалот и корупцијата.