Министерот за здравство Венко Филипче, претседателката на Здружението за борба против рак „Борка - за секој нов ден“, директорот на Универзитетската Клиника за радиотерапија и онкологија и специјалист онколог д-р Нино Васев, специјалистот онколог од Универзитетската Клиника за радиотерапија и онкологија д-р Мери Пешевска и градоначалникот на општина Струмица Коста Јаневска, денеска учествуваа на првата панел дискусија во рамки на кампањата за подигнување на свеста за ракот на дојка наречена „Розов караван“ во Домот на АРМ, Струмица.
На панел дискусијата, министерот Филипче истакна дека целта на оваа кампања е активно да се вклучат сите релеватни и засегнати страни во создавањето здрава популација, свесна за ризиците и предизвиците, држава со значително намален број на заболени и секако, држава со значително зголемен број на излечени од рак. Доколку ракот се открие навреме, може успешно да се излекува.
„Министерството за здравство како одговорна институција на сите граѓани им обезбедува квалитетна здравствена заштита и здравство кое лекува, едуцира и превенира. За таа цел во континуитет обезбедуваме финансиски средства за Програмата за Скрининг на рак на дојка. Следејќи ги европските и светските насоки, во соработка со кабинетите за мамографија во јавните здравствени установи, Министерство за здравство почна со реализација на „Национална скрининг програма за рана детекција на рак на дојка“. Со цел зајакнување на капацитетите и унапредување на условите за квалитетен Скрининг на рака на дојка, веќе е во тек набавка на 8 нови дигитални мамографи за повеќе јавни здравствени установи“, потенцираше министерот Филипче.
Во своето излагање, министерот посочи дека квалитетот на скринингот го подобруваме со спроведување на континуирана едукација во соработка со граѓанските организации преку семинари, предавања од експерти од Северна Македонија и од странство.
„Во тек е континуирана контрола на технички квалитет на мамографите, континуирана контрола на квалитет на вршење на мамографски преглед и интерпретација на мамографски наод од страна на стручна комисија. Квалитетот на скринингот се обезбедува и со евиденција и статистичка обработка на резултати од дијагностичка и скрининг мамографија и зголемена информираност на населението и матичните лекари предводена од Интитутот за јавно здравје и Управата за електронско здравство“, рече министерот Филипче.
„Целта на Розовиот караван е едукација и подигнување на свесноста од раната детекција на ракот на дојки. Упатуваме јавен апел до сите граѓани за самоконтрола и редовна посета на лекари со цел рано откривање на оваа болест кое може успешно да се лекува. Должност на секоја жена е да го негува своето здравје, за себе и за пример на своите поколенија, а наша како општество е да овозможиме прецизна дијагноза и совети за понатамошно лекување“, изјави претседателка на Здружението за борба против рак „БОРКА - за секој нов ден“ Биба Додева.
Согласно утврдената динамика, во рамки на програмата предвидено е жените на возраст од 50-69 години да се покануваат на мамографски преглед на две години преку повикувачки писма/покани, испратени по пошта со помош на податоци добиени од компјутерски системи кои се есенцијален елемент за водење уредна евиденција.
„За првпат се обезбедени бесплатни ортопедски градници, за жените што се оперирани од рак на дојка и имаат потреба од градник, во соработка со ФЗОМ. А исто така, за првпат обезбедивме и психолошка поддршка на пациентите, која е една од најважните сегменти за успешно лекување на болестите. Правиме сѐ, пациентите подобро и побрзо да го надминат овој тежок период“, истакна министерот Филипче.
Кампањата за подигнување на свеста за ракот на дојка ја спроведува Министерството за здравство заедно со Здружението за борба против рак БОРКА.