Стопроцентно ќе се исплати втората транша од кредитната линија на ЕИБ од 50 милони евра
Во декември 2011 година се исплатени 23,3 милиони евра од првата транша од втората фаза од кредитната линија во вредност од 50 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ). Втората транша од 26,7 милиони евра 100-процентно ќе се исплати до 24-ти овој месец.
Ова го најави министерот за економија Ваљон Сарачини по денешната средба со првиот оперативен директор на МБПР Кенан Идризи и со раководителот за кредитирање во банката Александар Станојковски во неговиот кабинет. Целта на нивната средба, како што посочи, била да го известат за спроведувањето на втората фаза од кредитната линија во вредност од 50 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ).
- Од првата транша дури 73 отсто, односно 16,8 милиони евра се за инвестициски проекти, додека останатите 27 отсто или 6,5 милони евра се за трајни обртни средства со рок на отплата од три години. Одобрените средства се за скоро 200 проекти од кои според анализите на МБПР ќе се отворат околу 1.200 нови работни места. Најголем дел од проектите се во областа на производството и трговијата, потоа следи транспортот и услугите и на крај образованието, рече Сарачини.
Тој нагласи дека Министерството за финансии во соработка со МБПР е во преговори со ЕИБ во наредните месеци да се одобри и третата фаза од 100 милиони евра и оти се надева дека динамиката од втората фаза ќе продолжи и кога ќе бидат одобрени 100-те милиони евра.
Според него, добро е што имало голем интерес и одѕив кај компаните за кредитната линија на ЕИБ, бидејќи условот за одобрување на кредитната линија бил најмалку 70 отсто од средствата да бидат искористени. - Кај нас веќе 100 отсто од средствата се искористени, рече Сарачини.
На средбата станало збор и за зајакнување на активностите на МБПР во однос на промовирање на нивните производи со цел бизнис заедницата да биде во тек со се што нуди МБПР, како и за финансиската помош што банката им ја дава на извозно ориентираните компании и кредитните линии наменети за нив, извозниот факторинг, осигурувањето на кредитите за извоз на производи, како и другите кредити.
Станојковски појасни дека условите за кредитирање во втората фаза одеа во насока на продолжување на рокот за отплата и оти оценката на прооектите покрај во деловната банка каде што се аплицира за кредитот се врши и во МБПР и во ЕИБ, а потоа се оди на исплата. Може да се аплицира во 11 деловни банки.
- Во првата фаза рокот на отплата за мали и средни компании беше до пет години, сега е до осум години со вклучен грејс период од две години. Во втората фаза има три кредитни линии - за поддршка на мали и средни претпријатија со рок на отплата до осум години со вклучен грејс период од две години, ако е само за поддршка на трајни обртни средства рокот на отплата е до три години со вклучен грејс период од шест месеци, ако се работи за приоритетни проекти на компании кои се со повеќе од 250 вработени рокот на отплата е до осум години со вклучен грејс период од две години, рече Станојковски.
Тој посочи дека во делот на извозот веќе се нуди кредитна линија која што може да се реализира преку деловните банки или директно преку МБПР. - Каматната стапка е иста 6 проценти фиксна со тоа што доколку се оди преку банките учеснички износот е до 2 милони евра, а, пак, доколку се оди директно преку МБПР износот е милион евра. Веќе е поддржана првата компанија директно преку МБПР, рече Станојковски.
Првиот оперативен директор на МБПР Идризи истакна дека иако било планирано да се исплатат 70 отсто од средствата од кредитната линија од 50 милиони евра до 24 февруари 2012 година ќе бидат исплатени 100 отсто. Од апликантите, како што истакна, немало ниту еден процент одбиени бидејќи деловните банки добро ги имале селектирано клиентите и условите што треба да ги исполнат.
- Во јануари годинава почнавме директно да исплаќаме за факторинг и веќе имаме најмалку десетина компании што го користат факторингот. Имаме и друг производ што го воведовме пред три години - извозно осигурување кое нуди многу предности, а воведовме и домашно осигурување на побарувања со кое, исто така, се добива полиса, рече Идризи и додаде дека МБПР само во делот на осигурување има раст од 450 проценти.