Груевски: Нема да дозволиме изградба на капацитет во Неготино кој ќе го наруши здравјето на луѓето
Нема да дозволиме изградба на каков било капацитет кој ќе го наруши здравјето на луѓето, но нема и да дозволиме опозициските партии во борба за власт да избркаат било која инвестиција без притоа да се провери дали таа навистина ќе го загрози здравјето на луѓето.
Ова денеска го изјави премиерот Никола Груевски во врска со најавите за отворањето на железарница кај Неготино.
Она што се случува во Неготино, според Груевски, е крајна злоупотреба од страна на СДСМ која сака да се претстави како бранител на интересите на граѓаните, а ВМРО-ДПМНЕ да ја прикаже како партија која не се грижи за тоа.
- За разлика од минатите влади, ВМРО-ДПМНЕ како носител во владината коалиција заедно со коалициските партнери пред се и над се винимава на здравјето на луѓето и околината вклучувајќи ги и насадите со грозје. Она што сакам да им го порачам на граѓаните на Неготино е дека што и да се случува, може да сметаат дека во оваа влада имаат институција која внимава на интересите на граѓаните, на нивното здравје и околината во која живеат, истакна Груевски, одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на сала за бокс во Спортскиот центар „Борис Трајковски“.
Она што ќе го направиме, рече Груевски, е во детали да ја истражиме иницијативата за изградба на капацитет кој, како што дознав треба да вработи околу 2.000 луѓе и доколку се утврди дека постои каква било штета по здравјето на луѓето нема да дозволиме негова изградба. - Меѓутоа доколку утврдиме дека тој капацитет нема да влијае на животите на луѓето, производството на грозје и на лозовите насади, тогаш ќе дозволиме негова изградба, но нема да дозволиме некој да манипулира со граѓаните, нагласи Груевски.
Во врска со најавата за набавка на нови амбулантни возила, премиерот Груевски информираше дека во март се очекува завршување на постапката по што ќе следува транспортирањето на возилата.
- Како што ветивме 80 нови амбулантни возила ќе бидат набавени и ќе им бидат ставени на располагање на македонските здравствени установи, рече Груевски одговарајќи на новинарско прашање.