Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, учествуваше на промоцијата на „Европската младинска картичка“.
На промоцијата, на којашто присуствуваа студенти, средношколци и претставници на младински организации и на компании, премиерот Заев изрази огромно задоволство што Европската младинска картичка станува нова реалност за младите во Република Северна Македонија, кои како што рече премиерот, се врвен приоритет во владината агенда.
„Денеска можеме слободно да кажеме дека нашите млади луѓе од Северна Македонија ги доближуваме чекор поблиску до европскиот начин и стандард на живот на младите луѓе од Европа. Преку оваа картичка младите ќе можат да ползуваат многу бенефиции што таа ги овозможува. Ветивме дека Европа ќе ја донесеме дома кај нас. Токму младите луѓе кои се врвен приоритет на таа наша агенда ќе почувствуваат директни придобивки од процесот на европеизација на нашата земја кој што е во тек и се случува“, истакна премиерот Заев.
За одличната можност со една единствена картичка младите да можат да користат повеќе бенефиции, како и за начинот на кој функционира, говореше директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски.
„Агенцијата за млади и спорт се залага за подобар живот за младите, а оваа картичка несомнено го олеснува секојдневието на секој млад човек, најпрвин финансиски, но покрај тоа нуди и многу отворени можности за младите, за нивна поврзаност, информираност и мобилност“, истакна директорот на АМС, Каевски.
Тој изрази огромна благодарност до сите компании, кои преку оваа картичка даваат одреден процент на попуст за младите во државата и Европа, коишто се успешни компании во својата дејност и општествено одговорни компании, за што очекува дека оваа пракса ќе продолжи да се применува и во иднина и дека бројката на компании ќе расте.
Директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова рече дека „Европската младинска картичка“ е резултат на заедничките заложби на двете различни владини институции за да обезбедат дополнителни придобивки за младите.
„Анализата ни покажа дека ако сакаме да ги споиме овие две работи - забавното и корисното - влогот мора да биде заеднички и институционален. Оттука, Агенцијата за млади и спорт ќе се грижи за обезбедување на што е можно поширок спектар на услуги со привилегирани цени за младите, додека Националната агенција за европски образовни програми и мобилност ќе ги искористи своите ресурси од програмата Еразмус+ за да отвори нови перспективи за младите од областа на неформалното и информалното образование, како и во делот на поттикнување на зголемена мобилност на младите. На овој начин, успеваме да отвориме нови можности за младите, при тоа водејќи сметка за исклучително строгите одредби на новата регулатива за заштита на личните податоци на ЕУ“, рече директорката Димова.
Европската младинска картичка е бесплатна, а може да ја добие секој млад човек во државата, на возраст од 15 до 29 години. Аплицирањето за картичката е онлајн, преку апликација во која корисникот ги внесува личните податоци. Со користење на картичката младите имаат поволности и попусти во разни сектори, и тоа: угостителски објекти, малопродажба, во култура, спорт, едукативни центри, за обуки за стручни вештини итн. Повикот за аплицирање за картичката е отворен на веб страницата www.mladinskakarticka.mk, а издавањето на картичките ќе започне од први јули 2019 година.
Премиерот Заев: Европската младинска картичка станува нова реалност за младите од нашата земја
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, учествуваше на промоцијата на „Европската младинска картичка“.
Премиерот Заев се обрати на промоцијата, на којашто присуствуваа студенти, средношколци и претставници на младински организации и на компании, а во продолжение ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот:
„На мое огромно задоволство денеска можеме слободно да кажеме дека нашите млади луѓе од Северна Македонија ги доближуваме чекор поблиску до европскиот начин и стандард на живот на младите луѓе од Европа.
Европската младинска картичка станува нова реалност за младите од нашата земја. Преку оваа картичка младите ќе можат да ползуваат многу бенефиции што токму таа ги овозможува.
Ветивме дека Европа ќе ја донесеме дома кај нас. Токму младите луѓе кои се врвниот приоритет на таа наша агенда ќе почувствуваат директни придобивки од процесот на европеизацијата на нашата земја кој што е во тек и буквално се случува секој ден, секој час.
Европската младинска картичка ќе може да ја користат младите од 15 до 29 години и со нејзино користење да остваруваат користи и бенефиции во секојдневниот живот во делот на културата, попусти при посети на културно-уметнички настани, спортски натпревари и настани, угостителски услуги, како и за развој и унапредување на вештини и за поттикнување на мобилноста.
Преку мрежата на сервиси, попусти и други бенефиции, Европската младинска картичка ги поттикнува младите да бидат мобилни, да се информираат и да го осознаваат своето место во средината, а со тоа да бидат активни чинители во менувањето на својата средина.
Ова е одлична можност за долгорочно отпочнување на процеси преку кои со една единствена картичка ќе може да плаќаат преку интернет, да вадат пари од терминалите, нивните вештини да бидат меморирани на картичката - со еден збор тоа да биде нивното CV и европска легитимација. Повеќе детали за начинот на кој функционира оваа европска младинска картичка со вас ќе споделат госпоѓа Лидија Димова и Дарко Каевски.
Со реализацијата на овој проект ги потврдуваме нашите европски вредности и цврстата определба нашата земја да биде дел од европското семејство.
Она што силно го посакуваме и како политичко раководство, но пред сé и како родители е да ги видиме нашите млади луѓе од Северна Македонија на исто рамниште со младите луѓе од Европа - да ги имаат истите стартни основи и можности за професионален развој понатаму во својот сопствен животот.
Сé што до сега како Влада сработивме и што во иднина ќе работиме има една важна цел - нашата земја да биде дел од Европската Унија и нашите млади луѓе да градат европска иднина дома во својата родна татковина, Република Северна Македонија ; но и да имаат солидни можности и услови да ја прошетаат Европа, да се образуваат и стекнат нови искуства и знаења кои понатаму ќе бидат одличен инпут во понатамошниот развој и напредок на нашата земја.
Уверен сум и силно очекувам дека сега Европа ќе испорача кон нашата земја и набргу ќе започнеме преговори за членство со ЕУ.
Тоа е реално очекување на сите наши граѓани.
Нашата земја секако тоа го заслужи и редно е Европа да го награди нашиот труд, нашите политички жртви, нашата верба, посветеност и нашиот сон за европска иднина на нашата земја.
Ние покажавме дека таму припаѓаме и ќе продолжиме да ја носиме Европа овде, во нашата убава Северна Македонија и уште посилно ќе ги поддржуваме нашите млади луѓе да го остварат својот потенцијал и да ги реализираат своите соништа.
На самиот крај, дозволете ми да упатам апел и директен повик до сите млади луѓе кои ги исполнуваат условите да аплицираат за картичката и да ги користат бенефициите и придобивките.
Се заблагодарувам на Националната агенција и на Агенцијата за млади и спорт за можноста да почнеме ова да го имплементираме во нашата земја затоа што лично верувам како човек, дека најголемите ефекти како придобивки од ЕУ треба да ги исползуваме, да ги користиме преку младите луѓе.
Благодарам и нека е со среќа користењето.