Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со стипендисти од нашата држава, од стипендиската програма на Комитетот на германското стопанство за Источна Европа, којашто се реализира во соработка со фондацијата Зоран Џинџиќ, поддржана од германското Сојузно министерство за економска соработка и развој. Стипендистите на програмата беа придружувани од претставничката од економскиот оддел на германската амбасада, Марина Серафимовска.
На средбата, младите луѓе споделија искуства од нивната работа во компании во Германија и мислења за применливи практики во нашата земја, во бизнис секторот, образованието, науката, со оглед дека тие денес живеат, учат и работат во државава.
Заеднички е констатирано дека младите луѓе се една од важните движечки сили на општеството и дека е од исклучително значење e мотивацијата на младите луѓе да придонесуваат во развојот на државава. Тоа, како што беше заеднички констатирано, е можно со отворање простор за работа, за реализација на нивните идеи, со поставување стручни кадри на соодветни позиции, со почитување на нивното знаење и иницијативност, како во државните институции, така и од страна на менаџментите на компаниите.
- Сојузна Република Германија е стратешки партнер на Република Северна Македонија и на политички и на економски план. Ги почитуваме заложбите на СР Германија, да ѝ помогне на нашата држава, како на планот на интеграциите, така и во развојот на економијата и оспособувањето млади луѓе, кои својата иднина ќе ја градат во родната земја. Владата е силно посветена да ги унапреди можностите за младите луѓе во Република Северна Македонија да ги гледаат перспективите за работа и образување. Тоа го правиме преку насоченоста кон отворањето нови работни места, можностите за инвестирање во старт ап претпријатија, преку фондовите за иновативни идеи, привлекувањето странски инвеститори и можностите за работа во познати големи светски компании, за чие што инвестирање во земјава се водат разговори. Посветеноста на НАТО и европските интеграции е, пред сѐ, да ги мотивираме младите луѓе да сакаат да учат и работат во својата земја, рече премиерот Заев.
На средбата беше истакнато дека се гледа потенцијал кај младите луѓе во Република Северна Македонија, за што говори и бројката од 91-на добиена стипендија на млади луѓе од земјава од 2007. година до денес, во рамки на програмата предвидена за земјите од регионов.