Премиерот Заев на 60 годишнината на трите технички факултети во Скопје: Овие факултети и бизнис заедницата продолжуваат да ја одржуваат традицијата и да создаваат услови за да им ги отворат перспективите и патот на успехот на младите луѓе

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев вчера присуствуваше и имаше свое обраќање на одбележувањето на 60 годишнината од основањето на Машинскиот факултет, на Факултетот за електротехника и информациони технологии и технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

На овој настан покрај премиерот Заев, свое обраќање имаа и деканот на ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, професор доктор Никола Јанкуловски, деканот на Машинскиот факултет, професор доктор Дарко Данев, деканот на Факултетот за електротехника и информациони технологии, професор доктор Димитар Ташковски и деканот на технолошко-металуршки факултет, професор доктор Јон Магдески кои ја потенцираа важноста на постоењето на овие факултети.

Во продолжение на ова соопштение Ви го пренесуваме во целост обраќањето на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев.

„Вечерашната церемонија е приредена за да се одбележат 60 години од основањето на Машинскиот факултет, на Факултетот за електротехнички и информациони технологии и на технолошко-металуршкиот факултет, односно на кампусот технички факултети при Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје.

Чествуваме 60 години историја и вградени кариери и знаења на генерации и генерации професори, научни работници, асистенти и други составен дел на факултетите кои создадоа инженери во клучни области за развојот на нашата држава.
Славиме 60 години исполнети со големи успеси на планот на образованието и науката.

Вечерашната свечена прослава на овој значаен јубилеј е само скромно оддавање на признание на десетиците илјади инженери од трите факултети кои потоа стекнатите знаења ги пренесоа и практикуваа во нашата земја и во земјите на поранешната заедничка држава Југославија.

На овие факултети студираа и студенти од други држави и јас сум убеден дека тие со гордост раскажуваа дека своето знаење го стекнале на некој од овие три факултети.

Јас нема да се задржувам повеќе на минатото. Ректорот и деканите, кусиот филм што го гледавме, се најповикани да говорат за успесите што произлегоа од акумулираното знаење на сите поранешни професори и на сите студенти кои тоа знаење го преточија во праксата на големите фабрики и во индустриските комплекси.

Сакам да зборувам за иднината. Сметам дека областите што ги покриваат овие три факултети се носечките индустрии на иднината и го заслужуваат токму тоа внимание. Да зборуваме за нив со поглед свртен кон иднината. 

За нашата земја, тоа се исклучително важни дејности како основа за нашиот развој, како основа за креирање на нови работни места, нови вештини и нови бизнис модели на брзо растечки и конкурентни индустрии во глобалниот свет.

Во таа насока, Владата на Република Северна Македонија, имајќи го тоа предвид, останува партнер на системот на универзитетското образование и ќе ја дава неопходната поддршка.

Пред неполни 4 месеци, на Факултетот за електротехника и информатички технологии учествувавме во отворањето на првиот Научно - Технолошки парк во Република Северна Македонија.

Во него веќе почнаа да се развиваат нови вештини, да се раѓаат нови идеи, да се креираат нови иновации и изуми на студентите и професорите од сите три технички факултети.

Некои млади луѓе ќе ги започнат и своите старт ап бизниси. Со еден збор ќе се трасира патот на нашата заедничка иднина – патот кон напредокот и дигиталната револуција!

Претприемничкиот дух и иновациите го движат светот, а нашата земја нема друг избор – освен да чекори напред и да ги следи новите модерни трендови на дигиталното поврзување и трансформација!

Затоа, од оваа година, дополнително преку Буџетот се финансира и научно-истражувачката дејност во насока на проширување и континуирано унапредување, координација на субјектите за вршење на научно-истражувачката дејност.

Во тој дел, посебно внимание посветуваме на поддршката и унапредувањето на домашната и на меѓународната соработка во трансферот на знаења, истражувања и обука и зголемување на продуктивноста на трудот и на националната конкурентска способност во глобалниот простор.

Наша цел е многу бргу да ја обезбедиме иднината на техничките науки, преку финансирање на опрема за лаборатории како предуслов за развој на капацитетите на научните работници и како можност за нови развојни проекти што произлегуваат од науката.

Историјата на развојот на државата се темели на поддршката што ја даваат техничките факултети. Развојот на сите компании, од кои дел од нив преку свои претставници се присутни и денеска на овој настан, се потпира на знаењето на инженерите кои произлегле од овие 3 факултети: Машинци, технолози, електро инженери, има во секоја добра компанија како што се Алкалоид, ЕЛЕМ, ЕВН, Цементарница, Окта, Винариите, Пиварите, прехранбената индустрија насекаде.

Јас знам дека сите директни странски инвеститори, прво доаѓаат на овие факултети за да се уверат во потенцијалите на човечките ресурси.

Во таа насока, вашата влада, Владата на Република Северна Македонија заедно со академската заедница на овие три факултети и бизнис заедницата ќе продолжи да создава услови за да им ги отвори перспективите и патот на успехот на младите луѓе.

Државата финансиски ни зајакнува, јакнеме комплетно економски, нашата намера е да вратиме многу пари во знаењето преку опремувањето токму на тие факултети покрај другите факултети и универзитети во државата.

Заедно навистина можеме да направиме тие да останат тука и да ги развиваат своите идеи. Да почнат да ги создаваат своите бизниси од соништата, да бидат иновативни и креативни и да не радуваат со нивните нови пронајдоци и изуми кои ќе ја придвижуваат нашата економија.

Дозволете ми да завршам со искрени изрази на благодарност до сите три факултети за нивниот досегашен придонес за нашата земја и општеството.

Уверен сум дека професорите ќе продолжат напорно да работат со младите студенти и ќе им помагаат на патот на освојување на нови знаења и на поттикнување на претприемничкиот дух и иновативноста, и дека на тој пат ќе продолжат да редат многу успеси.

Нека е честит овој 60 годишен јубилеј.“