Реформите во секторот енергетика се спроведуваат со предвидената динамика, напредокот во оваа област е видлив, а Владата на Република Северна Македонија и Регулаторната комисија за енергетика ги завршуваат навремено сите процеси предвидени со новиот Закон за енергетика, изјавија вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и претседателот на Регулаторна комисија за енергетика Марко Бислимоски, во рамките на работилница за енергетика на која беше презентиран новиот Закон, подзаконските акти кои произлегуваат од него, како и актуелните случувања во енергетскиот сектор.
„Плодовите од новиот Закон за енергетика веќе ги гледаме. Реформите во енергетиката дефинитивно се на едно од првите места кога станува збор за имплементација на реформите во државата. Извештајот за напредокот од Европската Комисија укажува дека, во однос на економските поглавја, во ова поглавје постои најголем прогрес, додека Секретаријатот на Енергетската заедница ги поништи тужбите поднесени кон Република Северна Македонија, за неимплементацијата на енергетските реформи во минатото. Енергетиката ги засега сите граѓани, а со новиот Закон се опфатени сите енергенси, кои граѓаните ги користат секојдневно“, подвлече вицепремиерот.
Анѓушев потенцираше дека со имплементацијата на Законот за енергетика во изминатата година, сите упатени критики во врска со оваа тема се покажаа неаргументирани и неточни.
„Се најавуваше катастрофа во енергетиката, дека цената на електричната енергија ќе се покачи драматично, фактите покажуваат потполно спротивно. Во периодот од 2013-2015 државната компанија ЕЛЕМ покажуваше значителни загуби од 5, 8 и 9 милиони евра на годишно ниво, а притоа цената на електричната енергија во тие неколку години се покачи за 60%. Во последните две години, цената на електричната енергија е стабилна, воведена е дневна евтина тарифа за граѓаните, со која на граѓаните им се заштедени 8 и 11 милиони евра во последните две години, а денес Електрани на Македонија имаат акумулирана добивка од 49 милиони евра. Сето ова покажува дека Владата знае што работи во секторот енергетика, и дека со домаќинско работење се постигнуваат резултати“, додаде вицепремиерот Анѓушев.
Регулаторната комисија за енергетика, почитувајќи ги кусите рокови, предвидени со Законот за енергетика во рекордно брзо време го донесе пакетот на подзаконски акти со кои се овозможува имплементација на Законот.
„На тој начин обезбедивме либерализација на пазарот на електрична енергија, осигуравме да нема ценовни шокови, комерцијалните потрошувачи ги намалија трошоците за електрична енергија од 20-30%, а воедно овозможивме и намалување на цената за пренос на природен гас за 12%, со што им овозможивме помали трошоци на сите компании кои го користат овој енергенс. Зборувавме и за зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори и не радува тоа што со новиот концепт за поддршка на обновливи извори, трошоците за обновливи извори, кои досега ги плаќаа сите граѓани преку т.н повластената тарифа и која влијаеше со 7% во цената, во иднина субвенцијата ќе биде обезбедена директно од буџетот на државата, со што ќе нема влијание врз цената на електрична енергија на крајните потрошувачи“, кажа Бислимоски.
На дводневната работилница, која беше планирана за детално информирање во врска со Законот за енергетика и подзаконските акти кои произлегуваат од Законот, учествува уредници и новинари од повеќе медиуми кои известуваат за секторот енергетика, а на самата работилница се обрати и г. Хари Бојд Карпентер, директор за енергетски прашања во Европската Банка за обнова и развој, која ги поддржува енергетските реформи во Република Северна Македонија.