Почна форумот “ЕУ – Западен Балкан“ на министрите за внатрешни работи и за правда

Република Македонија има визија и е подготвена во соработка со останатите земји да придонесе за силна и ефективна Европа, при што нашите капацитети се целосно фокусирани на соочување со предизвиците кои не очекуваат на патот кон Унијата, истакна меѓу другото министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во своето поздравно обраќање до учесниците на дводневниот форум “ЕУ – Западен Балкан“ на министрите за внатрешни работи и за правда што се одржува во Охрид.

- За остварувањето на оваа цел која е од фундаментално значење за граѓаните на Република Македонија, потребна ни е поддршката на Европската унија во целина, што пак искрено се надавам, заедно со достигнувањата на мојата земја во севкупниот процес на реформи, ќе овозможи интензивирање на активностите во насока на добивање датум за почеток на преговорите за пристапување во големото европско семејство на народи на Европската Унија, рече министерката Јанкулоска.

Таа истакна дека Министерството за внатрешни работи е подготвено да одговори на сите предизвици на патот на интеграцијата, притоа потенцирајќи ја заложбата на МВР за унапредување на принципот на владеење на правото и неселективната борба против сите облици на криминал.

Меѓу другото, таа нагласи дека Република Македонија и земјите од регионот мора да бидат подготвени да се соочат со новите предизвици, во тој контекст акцентирајќи ја потребата од интензивна и брза размена на сознанија, односно од соработка на билатерален и мултилатерален план, преземање заеднички координирани мерки и активности на национално и регионално ниво и натамошно зајакнување на капацитетите на државите.

Дводневниот Министерски форум за правда и внатрешни работи ЕУ - Западен Балкан, е во организација на македонските минситерства за внатрешни работи и за правда, во соработка со полското Претседателство со ЕУ. 

Според агендата, работниот дел ќе започне денеска и ќе се разговара за теми од областа на внатрешните работи. Планирано е да се одржат работни сесии посветени на визната либерализација, миграциските прашања, управувањето на границите и унапредувањето на соработката со ФРОНТЕЏ, борбата против организираниот криминал и соработката со ЕУРОПОЛ, како и борбата против корупцијата.

Утрешниот ден ќе биде посветен на теми од областа на правдата како што се независноста на судството и обвинителството, правната соработка во кривични и граѓански спорови, како и унапредувањето на соработката со ЕУРОЈУСТ.

Форумот ќе заврши со презентација на приоритетите во областа на внатрешните работи и на правда за време на престојното данско и кипарско претседавање со ЕУ.

Предвидено е министерката Јанкулоска да има средба со еврокомесарот Сесилија Малстром и со директорот на Европол Роберт Веинрајт.

Министерката Јанкулоска ќе се сретне и со министерот за внатрешни работи на Србија Ивица Дачиќ со кого треба да ја потпише Спогодбата за условите за патување на државјаните на двете земји.