Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, на маргините на Самитот за Западен Балкан во Познањ, оствари средба со претседателот на Владата на Република Франција Едуар Филип.
Премиерот Заев на средбата, на која присуствуваа и заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања Бујар Османи и Никола Димитров, министер за надворешни работи, истакна дека Република Северна Македонија е целосно посветена на остварување на ЕУ агендата и дека во таа насока се остварени сите неопходни очекувања од земјата испорачани на минатогодишниот состанок на Европскиот Совет.
Врз основа на остварените препораки од јуни минатата година, за остварување на зацртаните реформи во правосудството, борбата против организираниот криминал, реформата на безбедносните служби и во јавната администрација, дојде и препораката од Европската Комисија за безусловен старт на преговорите на ЕУ со Република Северна Македонија, потенцираше премиерот Заев на средбата со францускиот премиер и истакна дека земјата ги исполни сите реформски и политички очекувања, вклучувајќи ги и уставните промени за името на земјата, и дека за испорачаното земјата очекува и исполнување на ветувањето на Европскиот Совет за почеток на преговорите во октомври.
„Таквата одлука ќе биде јасна порака и за другите во регионот дека вреди да се вложува во реформите и во унапредувањето на билатералните односи во регионот, како и во регионалната соработка. Ја поддржуваме дебатата за реформи во ЕУ, но убедени сме дека тој процес може да оди паралелно со процесот на преговори и за проширување со земјите од регионот“, нагласи премиерот Заев.
Претседателот на Владата на Република Франција Едуар Филип, на средбата го нагласи заедничкиот интерес што го делат Франција и Северна Македонија да работат на продлабочување на билатералните односи и на економската соработка. Францускиот премиер ја изрази поддршката за напорите за продолжување на зацртаните реформи за владеење на правото, изрази честитки за Договорот од Преспа и имплементирање на придобивките од новата добрососедска реалност што ја оствари земјата со соседите во регионот.