Груевски: Грција конечно одлучи да го прими Нимиц, но го кочи процесот на сите страни
Премиерот Никола Груевски смета дека е добро што медијаторот Метју Нимиц доаѓа во Македонија и во Грција, но оти останува да се види со кого ќе се сретне во Атина и дали разговорите воопшто ќе имаат некаква суштина. Премиерот Груевски се уште не добил одговор на писмото што го упати до неговиот грчки колега Лукас Пападимос, што е показател оти грчката страна нема интерес за решавање на прашањето за името.
- Одговор на писмото од премиерот на Грција не добив се уште. Нема никаков одговор и тоа е показател дека Грција нема тотално ников интерес за решавање на ова прашање. Како што во повеќе наврати досега кажав, земјата е тотално ориентирана кон други работа и воопшто не е заинтересирана да се реши ова прашање. Едноставно не сакаат да го решат и кога некој не сака да го реши не сака ни средби, ги прави ако мора, не сака да му дојде медијатор, го прима ептен ако мора, така што Грција јасно покажува дека сака да се одложи решавањето на овој проблем, односно да не се решава, изјави Груевски по отворањето на сала за бокс во спортскиот центар „Борис Трајковски“
Таквиот грчки став, спроед него, прави проблем на целиот регион. - Од една страна зборуваат за агенда 2014, дека ти демек ќе ги ставеле сите земји од Балканот во ЕУ, а од друга страна максимално го кочат влегување во НАТО и ЕУ на Република Македонија, со што прават штета и на Република Македонија и на себеси. Не знам колку се свесни за тоа, но времето ќе им го докаже тоа и прават штета на целиот регион. Ако три-четири недели немате одговор од премиер на соседна држава, тоа е доволен показател дека тој е незаинтересиран и има одлука да не се брза оваа работа, односно да се одолговлекува, рече Гриевски.
За посетата на Нимиц, истакна дека тој имал отворена покана од македонска страна повеќе од една година, но имал проблеми да обезбеди согласност од грчката страна.
- По многу настојувања и веројатно по многу притисоци од меѓународниот фактор и по многу наши јавни повици, другата страна одлучи да го удостои со влез во земјата. Останува да видиме какви средби ќе има, со кого ќе има средби и дали ќе има воопшто некаква суштина. Ако ги гледаме чекорите што досега ги правеше Грција со избегнување на средби, со кочење на сите страни на процесот, не ни дава премногу простор за оптимизам, но наше е да продолжиме да се бориме, да бараме решение, да се бориме заедно со меѓународниот фактор да се изнајде решение и да се убеди Грција дека ова прави штета на сите и на самата Грција. Остануваме со сите сили да се бориме за решавање на ова прашање и за влез на Македонија во НАТО и почнувањето на преговорите со ЕУ коишто се директно и недвосмислено закочени од страна на Грција, изјави премиерот Никола Груевски.