Завршна конференција на образовната програма „Темпус“

Програмата „Темпус“ на Европската комисија завршува  во Македонија по 15 години успешно спроведување, што резултираше со реформи во високото образование, нови студиски програми и  методи на настава.

На денешната завршна конференција за програмата што почна во 1996, министерот Панче Кралев рече дека  80 отсто од осовременетите наставни планови и програми на факултетите во Македонија се должат на имплементацијата на проектите од оваа програма и дека бројот на запишани студенти е зголемен за 70 отсто на оние високообразовни институции кои активно учествувале во „Темпус“.

- Оваа програма придонесе за значително подобрување на образованието во земјава, преку различни можности што им ги нудеше на универзитетите, и на државните, и на приватните. Тоа беа проекти за мобилност, за реформирање  програми, за соработка со други универзитети, за обезбедување специфична опрема..., таа има помогнато во над 160 проекти во Македонија и во над 300 индивидуални проекти за мобилност. Вкупната поддршка за Македонија преку „Темпус“ во изминатите 15 години е нешто над  35 милиони евра. Исклучително сме задоволни од поддршката што оваа програма им ја овоозможи на нашите образовни институции, истакна Кралев.

Со стекнатиот статус кандидат за членство во ЕУ, Македонија преминува во следна фаза на достапни образовни програми од Европската комисија. Нови можности за македонските универзитети нуди програмата  „Еразмус мундус“. Таа е наследник на програмата „Темпус“ и е веќе овозможена од Националната агенција за мобилност, надлежна да ја координира. Кралев очекува дека и таа ќе биде добро искористена и ќе придонесе за натамошни реформи и нивно усогласување со европските стандарди и условите на ЕУ.

Ректорот на Скопскиот универзитет Велимир Стојковски истакна дека програмата „Темпус“ дошла во клучен период од развојот на македонското високо образование.

- Таа многу помогна со мобилностите, како на академскиот, така и на административниот кадар на универзитетот, истовремено и со опрема таму каде што беше најнеопходна, рече Стојковски.

Министерството за образование и наука идниот месец ќе организира конференција „Што добивме и што изгубивме со Болоњскиот процес?“, на која ќе се анализираат придобивките од процесот по речиси девет години (септември 2003) откако Македонија почна да го спроведува.  Ќе учествуват домашни и странски експерти од десетина земји од Европа.

- Целта на конференцијата е да дадеме одговор како да се движиме во иднина и каде се движат другите европски земји, изјави Кралев и рече дека поисцрпен одговор ќе има по одржувањето на конференцијата, која наместо на крајот на месецов се презакажува за почетокот на март.

Во врска со Болоња, ректорот на УКИМ Стојковски рече дека „во секој процес постои  време кога треба малку да се застане и да се набљудува наоколу каде одиме и каде треба да одиме и што сме направиле“.

- Ништо не е страшно ако се направи пресек што сме добиле со Болоња, а што сме изгубиле. Несомнено дека овој процес многу и помогна на Република Македонија зашто ги отвори вратите на земјите на ЕУ за мобилност, пред се на студентите и академскиот кадар, стекнување нови видици и искуства во партнерските универзитети. Но, се разбира дека има и недостатоци, а интенција на сите нас е нив да ги подобриме, а да ги задржиме придобивките на Болоња. Таа конференција не значи дека а приори треба да се откажеме од процесот. Треба само да постапуваме умно и да видиме стратешки по кој пат понатаму треба да се движи високото образование во Македонија, додаде Стојковски.