Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев во вечерашното интервју за Клан ТВ зборуваше за очекувањата од односите со Грција, реализирањето на Договорот од Преспа како и за договорот за пријателство и со Бугарија и со останатите соседи.
„Се сметам за храбар човек и сите одлуки ги донесовме заради мојата земја. Ние, јас и мојот грчки колега Ципрас, не калкулиравме со нашите кариери и рејтинзи заради нашите верувања за доброто на идните генерации. И затоа на овој начин го гледам и новиот премиер на Република Грција Киријакос Мицотакис“, рече Заев во врска со имплементирањето на Преспанскиот Договор и додаде дека во првиот разговор со Мицотакис изразиле пријателски желби и очекување да продолжи стратешкото партнерство и пријателство.
Премиерот Заев изрази задоволство од досегашните постигнувања во поглед на исполнувањето на стратешките интереси на Северна Македонија, а тоа е како што рече идна членка на НАТО, обезбедување целосна евроинтеграција, економски просперитет и бенефиции за сите граѓани.
„Се борев за Албанците и за помалку бројните етнички заедници. Затоа што верував во едно општество“, рече премиерот Заев и истакна дека во една мала земја како нашата се гледа дека опозицијата, иако обвинува, не се нафатила да ги реши проблемите.
„Опозицијата треба да се зафати со решавање на проблемите и да учествува во решавањето на нашето членство во Европската Унија. Тоа ќе се случи во октомври. Тие треба да покажат политичка волја да се вклучат, заедно да го решиме на пример Законот за Јавното обвинителство, бидејки сите други судски реформи се решени“, подвлече премиерот.
Премиерот Заев посочи дека Северна Македонија има јасна поддршка од Бугарија кога зборува за нашето членство во ЕУ, што се гледа од изјавите на поддршка од премиерот Борисов.
„Треба да се внимава на сите јавни изјави. Решението постои и тоа е во Договорот за соработка и пријателство. Во заедничката историја со мудроста на комисиите од двете држави и наша консултација како политичари ќе излезе решението“, истакна премиерот Заев за соработката со Бугарија.
Тој посочи дека начините на решавањето на проблемите на нашата земја е поздравено од сите челници на Европската Унија.
„Бевме заробена држава сега сме блескав пример. Пред две години бевме на праг на граѓанска војна, денес сме горди што одиме напред со демократскиот свет и треба да сме горди, сега сите не знаат и зборуваат за нас. Сите земји членки на ЕУ се зад нас“, рече премиерот Заев.
Во телевизиското интервју премиерот Заев зборуваше за развојот на инфраструктурните проекти за Коридорот 8, делот од пругата која чини над 650 милиони евра, се обезбедуваат кредити и се гради на 92 локации. Претседателот на Владата Заев додаде дека се отстранети сите недостатоци за градењето на автопатите и е обезбеден грант од Европската Унија за автопатот Скопје-Блаце, кој ќе започне да се реализира ова лето.
Исто така беше споменато дека освен проектите за гасификацијата, локалните патишта, инфраструктурните проекти и проекти за водоводи и канализации, се планира „Оне стоп шоп“ на граничниот премин Ќафасан и оцени дека блискоста на пристаништето Драч во Албанија е многу значајно за поврзувањето со Коридорот 8 и од економски аспект и за просперитет на сите граѓани.
„Остануваме пријатели со Србија. Пријателството го забрзува економскиот раст, носи нови работни места и го подобрува бруто домашниот производ. Не сакаме да го нарушиме пријателството и така ќе продолжиме“, рече премиерот Заев заклучувајќи дека економската соработка со соседите ќе расте и оцени дека НАТО и ЕУ интеграциите ќе придонесат кон посакуваниот економски раст во Северна Македонија.