Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев на прес-конференција во Медија центарот во Владата, го презентираше текстот на предлогот за Планот за одлучна акција против ширење дезинформации.
Во прилог на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целост:
Дезинформациите се еден од главните предизвици на демократијата во 2019 година и алатка која се користи за манипулација на граѓаните. Злоупотребата на технологијата за креирање лажни ентитети и непостоечки измислени случувања стана сериозен упад во демократските и изборни процеси и сериозно се заканува да влијае на довербата на граѓаните во институциите и медиумите.
Република Северна Македонија во изминатите две години во повеќе наврати се соочи со масовно ширење на дезинформации, како на социјалните мрежи, така и на традиционалните медиуми. Дел од дезинформациите биле споделувани и од териториите на други држави.
Северна Македонија беше означена како земјата на лажните вести, откако во 2016 година се откри дека во Велес се водени голем број лажни веб-страници и Фејсбук профили кои ширеа дезинформации во САД, за време на тамошните претседателски избори.
Како одговор на овие сајбер закани и согласно заложбите за отвореност, отчетност и транспарентност, Владата работи на Акциски план за справување со дезинформациите на системско ниво. Нашата цел е да ја зајакнеме националната безбедност и сигурноста на граѓаните на нашата земја и да ја браниме и унапредуваме демократијата.
Предлог акцискиот планот е сублимат на процеси, проекти, мерки и препораки за борба со дезинформациите, изработен како резултат на следењето на мерките на Европската Комисија, Секторот за комуникации на НАТО, како и Комитетот на експерти за квалитетно новинарство при Советот на Европа, преку членството во Комитетот од страна на претставник на мојот кабинет, советникот Зоран Бојаровски.
Огромен е придонесот и на Британската Влада во нашата поширока иницијатива за професионализација на комуникациите на владата и на ПР службите, понатаму соработката со УСАИД, и со Европската мрежа за дигитална дипломатија поддржана од Стејт Департментот на САД, во чиј управен одбор членува мојот советник за дигитални комуникации, Илија Жупаноски.
Предлог акцискиот план којшто го презентираме денеска, ќе биде ставен на дискусија на работни состаноци во институциите, како и на консултации со граѓанскиот сектор, медиумите и различни чинители во општеството, вклучувајќи ги и стратешките партнери на РСМ, за да ја дефинираме неговата финална верзија. Со оваа јавна презентација започнуваме нова фаза во нашиот организиран пристап во справувањето со нападите врз демократијата во нашата земја.
Предлог акцискиот план има две компоненти: Безбедносни мерки и проактивни мерки.
Безбедносните мерки опфаќаат:
(1) Ревидирање на постоечките и креирање нови внатрешни безбедносни протоколи за комуникација во институциите и комуникација со надворешни субјекти, со цел намалување на можностите за протекување на сензитивни информации.
(2) Надградба на безбедносните протоколи за дигитални комуникации за сите државни службеници, за безбедно користење на интернет, службена електронска пошта, службен мобилен телефон и.т.н.
Зајакнатиот безбедносен протокол ќе биде доближен и презентиран пред државните службеници преку спроведување на внатрешна проактивна кампања.
(3) Ќе ја зајакнеме внатрешната ИТ инфраструктура во Владата и министерствата и системот за контрола на мрежниот сообраќај, со цел навремено спречување на надворешни напади на инфраструктурата.
(4) Како што ја информиравме јавноста, јас веќе користам нов телефонскиот број и нов мобилен апарат, со дополнителен безбедносен протокол за дигитални комуникации.
(5) Ќе биде воспоставен протокол за кризни комуникации помеѓу централниот владин комуникациски сервис и министерствата, за брзо и точно спротивставување на дезинформациите, кои се шират преку социјални медиуми и интернет порталите, во интерес на вистината и јавниот интерес.
Проактивни мерки ќе бидат преземени за:
(6) Дополнителна активна транспарентност, со цел Владата уште повеќе да ја доближи својата работа до граѓаните и да ја зголеми довербата на граѓаните во институциите.
Со новата „Стратегија за транспарентност” стандардите ќе се втемелат во системот и ќе се создаде листа на документи и информации кои институциите ќе бидат задолжени на одредени временски интервали да ги објавуваат и ажурираат.
Преку објавување и споделување факти и вистинити информации, се намалува просторот за маневар на дезинформациите.
(7) Владата на својата веб страна ќе објавува официјални одговори на прашања на медиуми и граѓани, со цел да се спречи извртување на официјалните ставови на Владата.
(8) Владата ќе формира Акциска група за борба против дезинформации и напади на демократијата, во која ќе бидат поканети да учествуваат претставници од канцеларијата на Претседателот на Владата, Претседателот на Република Северна Македонија, Собранието на Република Северна Македонија, Кабинетот на министерот задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност, Министерството за внатрешни работи, Mинистерството за одбрана, Министерството за надворешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и други, чија задача ќе биде анализирање и следење на појавите на дезинформирање на јавноста и координирање на борбата против нападите врз демократијата.
Во име на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за координација на оваа Акциска група ќе биде министерот за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт Поповски, а од страна на Кабинетот на премиерот одговорен ќе биде посебниот советник за односи со јавност, Марјан Забрчанец.
(9) Акциската група и Владата ќе спроведуваат едукативна кампања од јавен интерес за постоењето и штетното влијание кое дезинформациите го имаат врз општество.
(10) Владата ќе спроведува внатрешна кампања за вработените во државната администрација, за постоењето и штетното влијание на дезинформациите.
(11) Акциската група за борба против дезинформации и напади на демократијата активно ќе соработува со сите платформи на социјалните медиуми кои најчесто се користат за брза дистрибуција на дезинформациите. Ќе бидат известувани за профили и објави кои шират дезинформации и активно ќе се вклучиме како држава во нивните програми за информирање на граѓаните и за борба со дезинформациите.
(12) Владата ќе започне процес на креирање Национална стратегија за медиумската писменост во чии рамки ќе бидат опфатени активности на институциите, медиумите и граѓанскиот сектор.
Медиумската писменост ќе биде многу позастапена во образовните програми на Министерството за образование и наука.
Владата ќе поддржува и ќе биде активен партнер на граѓанскиот сектор во спроведување програми и тренинзи за медиумска писменост, и ќе спроведува и едукација за медиумска писменост на вработените во државната администрација.
(13) Владата активно ќе ја поттикнува дискусијата помеѓу медиумите, медиумските здруженија и граѓанскиот сектор, со цел саморегулација, ко-регулација и утврдување на медиумски стандарди за интернет порталите, согласно препораките на Европската Комисија и Советот на Европа.
(14) Владата ќе воведе јасни критериуми за медиумите кои се акредитирани да ги следат владините настани и прес конференции, во согласност со стандардите на новинарската професија.
(15) Ќе отвориме дискусија со медиумите за утврдување модел на поддршка за продукција на медиумски содржини на тема борба со дезинформации, како и поддршка за едукативни програми и тренинзи наменети за медиумските работници со цел нивно професионално сензибилизирање во борбата со дезинформациите.
(16) Владата и институциите активно ќе соработуваат со сите организации и проекти кои работат на проверка на фактите (Fact checkers), преку навремено и брзо одговарање на нивните прашања, при проверката на фактите.
(17) Владата ќе иницира организациите кои се бават со проверка на фактите, да создадат регистар за утврдени и разобличени дезинформации и листа од изворите кои ги шират невистините.
(18) РСМ ќе поттикне соработка со Европска Комисија и ќе побара вклучување во системот за брзо предупредување за ширење на дезинформации [Rapid alert system], со цел размена на информации околу содржината и темите на кампањите со дезинформации низ Европа.
Во борбата со дезинформациите, Владата ќе продолжи со активната соработка со стратешките сојузи ЕУ и НАТО.
Ова е само дел од сеопфатните мерки што се преземаат за одлучно спротивставување и борба против лажните вести и дезинформациите и медиумските манипулации со единствена цел – Заштита на јавниот, националниот и интересот на граѓаните од штетите што ги предизвикуваат овие појави.