Денеска се одржа трибина на тема „Национална платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи на Република Северна Македонија“ на која присуствуваа претставници од владини институции, граѓанскиот сектор и од научната сфера.
На оваа трибина воведни обраќања имаа националниот координатор за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи на Република Северна Македонија, Павле Трајанов, заменик на претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, Влатко Шешов, професор д-р Марјан Ѓуровски од Универзитетот „Св. Климент Охридски“- Битола - Факултет за безбедност, раководителот на Секторот за цивилно - воена соработка во Министерството за одбрана, Тони Петревски и Влатко Јовановски, шеф на Секретаријатот на DPPI SEE.
Во своето обраќање министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски истакна „Од секогаш сум бил убеден дека државата, односно нејзините институции се должни да креираме Национална платформа што ќе може да ги задоволи сите наши потреби и да нуди реални можности за заштита на луѓето и на материјалните добра, да ги интензивира сите потребни нормативни измени во различните области, а примарно во делот на заштитата и спасувањето, кризниот менаџмент и слично.
Очекувам дека и денешнава трибина односно размислувањата и дебатите во рамки на неа ќе дадат свој придонес како во изградбата, така и во имплементацијата на квалитетна Национална платформа во полза на општеството и граѓаните.“
На оваа трибина за време на воведното обраќање националниот координатор за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи, Павле Трајанов кажа „Сите анализи покажуваат дека системот за управување со кризи мора да се реформира. Покрај другото, реформите подразбираат и донесување на нови законски решенија со кои ќе се обедини целокупниот систем и ќе ги опфати сите аспекти на системот за кризи, заштита и спасување. Треба да се воспостави единствен систем за управување со кризи, заштита и спасување и интегрирање на расположливите капацитети и ресурси на сите административни нивоа, како и сеопфатен пристап за поефикасно и поефективно намалување на ризиците од катастрофи. Јакнење на отпорноста на општеството од катастрофи е круцијално прашање на кое мора да работат сите субјекти на системот.“
Директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) од Скопје, Влатко Шешов, во своето излагање на Трибината ја потенцираше важноста од стратешкото партнерство на науката и заштитата на населението и материјалните добра од ризици од катастрофи. Се осврна на значајниот придонес на ИЗИИС низ четирите сегменти на рамката за намалување на ризици од катастрофи (хазард, изложеност, повредливост и капацитет за справување), ги потенцираше тековните значајни активности во доменот на ризиците, како и приоритетите и иницијативите на ИЗИИС во наредниот период со поддршка од државните институции. Ја поздрави организацијата на Трибината и ја потенцираше исклучителната важност на меѓуинституционалната соработка на сите чинители во доменот на справување со ризиците од несреќи и катастрофи.
Проф. д-р Марјан Ѓуровски, продекан за наука и развој на Факултетот за безбедност-Скопје во неговото обраќање потенцираше „Дел од решенијата во системот за безбедност не го положија испитот на ефикасност во услови на закани, кризи и елементарни непогоди и други безбедносни ризици со кои се соочуваме речиси секоја година. Поради тоа нужно се наметнува редефинирањето на поставеноста на безбедносниот систем на државата, бидејќи истиот е нефункционален и преку неговото рекомпонирање треба да се создадат механизми за превенција и за ефикасен одговор на ризиците и заканите. Постоењето на две, меѓусебно зависни но сосема одвоени тела, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, е неодржливо. Потребно е редефинирање преку обединување на двете дирекции, во единствен институција со која ќе раководи Владата (прва реална опција), другите можности се враќање во Министерството за одбрана или МВР што не се среќни и добри решенија за македонски услови.“
Тони Петрески, раководител на Сектор за цивилно - воена соработка при Министерството за одбрана истакна „Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија се значајни државни институции кои во превенцијата и намалувањето на ризици од несреќи и катастрофи, придонесуваат и учествуваат согласно позитивните и важечките прописи, а своите мерки и активности ги спроведуваат преку повеќе документи и плански активности и во содејство со другите институции од Системот за управување со кризи. Министерството за одбрана и ГШ на АРСМ учествуваат со свои претставници во сите тела и нивоа на Системот за управување со кризи, односно учествуваат во работата на Главниот штаб, Групата за проценка и во Управувачкиот комитет. Армијата располага со декларирани сили кои можат да се стават во поддршка на институциите на СУК во случај на кризна состојба.“
Шефот на Секретаријатот на DPPI SEE, Влатко Јовановски на оваа трибина истакна дека позитивните примери на другите земји треба да се следат и додаде „Компаративните искуства од регионот на Југоисточна Европа, се дека таму каде Националните платформи за намалување на ризици од катастрофи се активни резултатите се видливи. Тука предничи Хрватска. Националната платформа за намалување на ризици од катастрофи треба да овозможи креирање на долгорочни политики за развој на системот при тоа давајќи и можност на стручната фела да влијае врз формирањето на тие политики преку воспоставен однос на партнерство со државните институции. “