Јавна дебата за начините за целосно вклучување на лицата со хендикеп во општеството
Какви законски измени се потребни, кои се мерките што треба да се преземат за целосна примена на Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп која треба да го зголеми квалитетот на нивниот живот, се прашањата за кои разговараа учесниците на денешната јавна дебата „Од Конвенција до пракса“.
Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски истакна дека ваквите дебати се можност да се чујат мислењата на оние на кои се однесува Конвенцијата и да се одреди насоката врз основа на која треба дополнително да се менуваат дел од законите, бидејќи, како што рече, треба да се има предвид дека досега се направени голем број законски измени со кои се овозможуваат поголеми права на лицата со хендикеп.
- Основна идеја е да се изгради систем со кој ќе се изврши целосна инклузија на лицата со хендикеп. Прво треба се работи на физичкиот процес на инклузија бидејќи нема во сите државни институции пристапни рампи. За тоа ние имаме изготвено акциски план пет поголеми министерства кои имаат директен контакт со граѓаните во 2012 да го завршат процесот за изградба на пристапни рампи во сите институции. Покрај тоа, треба да се работи и на обезбедување дополнителни стимулативни мерки за вклучување во работниот процес на лицата со хендикеп, рече министерот Ристовски.
Тој смета дека, меѓудругото, потребно е преземање активности за инклузивно образование на секое дете кое има попреченост да може да го оствари правото на згрижување во јавна или приватна градинка, како и изработка на номенклатура на занимања и осовременување на образовните програми за лицата со попреченост, во согласност со потребите на отворениот пазар на труд и развојот на технологијата.
Претседателот на невладината организација „Полио Плус“ Ѕвонко Шаврески смета дека филозофијата на Конвенцијата е целосно вклучување на лицата со хендикеп во општеството, нешто што е задолжително за сите нејзини потписнички, но оти секоја земја треба самостојно и согласно своите специфики да изнајде начини како ќе го направи тоа.
- Конвенцијата е основен документ согласно кој треба во националните законодавствата да се изгради систем. Основната филозофија е вклучување на лицата со хендикеп во општеството. Начините за тоа како земјите ќе го спровеадат тоа е оставено на нив. Секоја земја има различни законодавни системи. Но начелото е ништо за нас без нас, рече Шаврески, истакнувајќи дека надлежните инстутуции во креирањето на тој систем треба да ги чујат мислењата на засегнатите.
Тој смета дека се потребни повеќе мерки за остварување на правата на овие лица. Политичките, вели, се остваруваат многу полесно со донесување одредени мерки, но многу потешко, смета, се остваруваат социјалните и економските, за кои се потребни повеќе законски измени и воведување на позитивната дискриминација.