Премиерот Заев на свечената промоција на новите 528 полициски службеници: Секоја задача што ќе ја добиете ќе биде важна зашто е во служба на заштитата и на услуга на граѓаните

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и заменик претседателот на Владата и министер за внатрешна работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски денеска се обратија на свечената промоција на нови полициски службеници на спортското игралиште во Центарот за обука во Идризово.

Во продолжение ви го пренесуваме во целост обраќањето на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев на свечената промоција.

„Ми претставува чест да бидам дел од овој посебен ден за Вас, припадниците на најновата генерација полициски службеници што ја завршија едногодишната основна обука во Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи.

Се радувам заедно со сите вас затоа што со голем успех, со среден успех од 530,92 бодови, од вкупно 600, ја завршивте обуката за совладување на потребните компетенции за полициски службеници.

Радува и податокот што дури 528 од вкупно пријавените на стартот 550 кандидати, ја завршија оваа обука.

Тоа говори за Вашата висока мотивација да успеете, и таа висока мотивација ви ја посакувам и во исполнувањето на вашите задачи кога ќе ги добиете вашите професионални ангажмани во редовите на полицијата.

Тоа се редови што ја обезбедуваат првата линија за безбедност и сигурност на сите наши граѓани. На таа линија ќе исполнувате една од најблагородните должности – да ги штитите граѓаните, уставот и законите, и да им служите на сите припадници на народите на нашата земја.

Сакам да ви честитам и да ве охрабрам во вашата посветеност на спроведување на вашите должности кон граѓаните. Таа мисија да ве исполни со гордост, задоволство и исполнетост.

За време на вашата обука, научивте какви се очекувањата од исполнувањето на вашата должност како полициски службеници. Научивте дека таа должност треба да ја исполнувате достоинствено, со почит кон другите, со сочувство, со чесност, храброст и внимание.

Уверен сум дека обуката ве подготви да ги извршувате задачите најдобро што можете. Секоја задача што ќе ја добиете ќе биде важна зашто е во служба на заштитата и на услуга на граѓаните. Зашто е во насока на заштита на правото и правната држава.

Извршувајте ги вашите обврски со интегритет и видлива компетенција за да бидете пример и да ги охрабрите другите во оваа благородна и одговорна мисија.

Така лично ќе ја стекнете довербата на граѓаните и на тој начин ќе учествувате и во подигањето на довербата на граѓаните севкупно во полицијата.

Уште еднаш ви ја честитам успешно завршената обука која ве подготви за да ги извршувате обврските на полициските службеници и ви посакувам успешна кариера во редовите на Министерството за внатрешни работи.

Можностите за напредок ви се отворени и лично од вас ќе зависи како ќе ги искористите овие можности.

Упатувам честитки и на инструкторите од Центарот за обука на МВР за успехот во создавањето на уште една генерација полициски службеници и на Министерството за внатрешни работи за грижата да обезбеди континуитет на професионалните ресурси.

Честитки и со огромно задоволство денеска  ќе ви се придружувам во прославата на вашиот успех со едно упатување до знаење дека јас како претседател на Владата и целата Влада, почитувани полициски службеници сме горди на вас.

Уште еднаш нека ви е со среќа и со успех идниот професионален ангажман.

Благодарам.“