Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, денес, на прес-конференција, ги презентираше најновите податоци соопштени од Државниот завод за статистика кои се однесуваат на растот на бруто домашниот производ и на намалување на невработеноста.
Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека во вториот квартал на 2019 година, продолжи растот на бруто домашниот производ, пред се како резултат на развојот на реалната економија и без интервенции на државата.
„Растот на бруто домашниот производ во вториот квартал на 2019 година е уште на високи 3,1%, коишто практично и се очекувани и заедно со растот од првиот квартал од 4,1%, тоа е просечно раст од 3,6% во првата половина на годината, што е над предвидувањата и во Буџетот којшто на почетокот беше детерминиран на 3,2%, а потоа со ребалансот е корегиран на годишен раст од 3,5%. Треба да се има предвид дека во јуни 2017 година ја наследивме состојбата со пад на БДП од 1,8%, а во овие две години тој континуирано расте и очекуваме овој тренд да продолжи и понатаму. Особено радува податокот дека бруто инвестициите во вториот квартал 2019 година во споредба со 2018 година се пораснати 11,1%. Тоа е многу важен економски параметар, бруто инвестициите растат како и финалната јавна потрошувачка која е порасната за 1,2%. Раст бележат оние сектори коишто претходно имаа пад, како градежништвото кое бележи раст од 2,8%, земјоделството 3,9% и трговијата 7,5 %. Дополнително е многу е важно што растот на нето платата во последните 2 години е ефективни 10 процентни поени и тоа се одразува во растот на јавната потрошувачка, што го гледаме и во статистичките бројки. Растот на БДП е направен од реалната економија без голема поддршка на државата и тоа е она што на долг рок е издржано и одржливо. Дефинитивно нашата држава запловува во помирни економски води коишто ќе имаат прогресивен раст врз база на реалната економија односно реален раст на економијата“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.
Осврнувајќи се на состојбите на пазарот на трудот Анѓушев потенцира дека ДЗС забележа нова рекодно ниска стапка на невработеност од 17,5%.
„Сакам само да потсетам дека невработеноста во вториот квартал на 2017 година беше 22,6%, или ако сакаме во апсолутни бројки да кажеме во тој период од 2 години се вработени 54.391 лице. Од тие, само во вториот квартал на 2019 година вработени се 4869 лица и оттука е падот од 17,8% на 17,5%“, појасни Анѓушев.
Индустријата, земјоделството, градежиштвото и трговијата се главните столбови на бруто домашниот производ и сите бележат раст во вториот квартал на 2019 година, кажа Анѓушев на прес-конференцијата.
„Индустриското производство исто така е пораснато. Ако земеме само за месец јули, во споредба со истиот месец 2018 година тоа е пораснато за 5,8% или ако земеме кумулативно за период од 1 до 7 месец 2019 година споредбено со истиот период лани бележиме раст од 4,9%. Главните генератори на растот на економијата во нашата држава сè уште се индустријата, градежништвото, земјоделството и како резултат на овие гранки и трговијата. Јасно е дека стандардот се зголемува со оглед на покачувањето на нето платите за ефективни 10% во последните две години, со тоа се зголемува јавната потрошувачка, а воедно се зголемуваат бруто инвестициите“, заврши вицепремиерот Анѓушев.