Јавен повик за реализација на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година - Филтри за МСП
Врз основа на член 39 став 2 од Законот за Влада (,,Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/2013, 139/2014, 196/2015 и 142/2016)и дел VII став 1 од Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година („Службен весник на Република Македонија" бр. 18/2019), Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат, објавува
ЈАВЕН ПОВИК
за реализација на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година
I. ПРЕДМЕТ
Предмет на овој јавен повик е реализација на средствата утврдени со Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година („Службен весник на Република Македонија" бр.18/2019) (во понатамошниот текст: Програмата), дел II став 1, преку утврдување на потребата за спроведување на мерки за намалување на аерозагадувањето и намалување на високите концентрации на PM10 и PM2.5 со набавка/поставување/инсталирање на филтри во малите и средни претпријатија чие деловно седиште е на територијата на општините кои припаѓаат на Полошкиот плански регион во Република Северна Македонија.
II. ПРАВО НА УЧЕСТВО
Право на учество на јавниот повик имаат претпријатија регистрирани како ТП, ДООЕЛ, ДОО од лица државјани на Република Северна Македонија чија основна дејност согласно Националната класификација на дејности е преработка на дрво и дрвна маса и производство на мебел, a кои ги исполнуваат следниве услови:
1. Работење во траење од најмалку 3 месеци пред објавувањето на јавниот повик (упис во трговски регистар)
2. Имаат деловно седиште на територијата на општините кои припаѓаат на Полошкиот плански регион во Република Северна Македонија
3. Имаат минимум 10, а максимум 249 вработени на неопределено полно работно време
4. Намирени обврски кон државата и вработените.
III. ДОКУМЕНТАЦИЈА КОЈА УЧЕСНИКОТ НА ЈАВНИОТ ПОВИК Е ДОЛЖЕН ДА ЈА ДОСТАВИ
Учесниците на јавниот повик за реализација на Програмата се должни да достават:
- Пополнето барање за јавен повик за реализација на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година
- Извештај за нивото на PM10 и PM2.5 концентрации за 2018 година, согласно податоците од мерните станици на Државниот автоматски мониторинг систем (доколку има мерна станица)
- Тековна состојба од Централен регистар на Република Северна Македонија, не постара од 2 месеци
- Уверение за платени даноци и придонеси од Управата за јавни приходи на Република Северна Македонија, не постаро од 2 месеци
- Листа на вработени лица во претпријатието издадена од Агенцијата за вработување, не постара од 2 месеци
- Годишен извештај за работата на инсталацијата согласно условите препишани во дозволата Б-ИСКЗ, којшто операторот на инсталацијата треба да го достави до соодветната општина, како и елаборатите за заштита на животната средина, за 2018 година.
IV. НАЧИН НА ДОСТАВУВАЊЕ НА БАРАЊЕТО
Пополнетото барање се доставува во еден оригинален примерок заверен и потпишан од страна на директорот на малото/средното претпријатие заедно со потребната документација согласно дел III од овој јавен повик.
Барањето со комплетираната документација се доставува во затворен плик, преку пошта на адреса: Влада на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат, бул. Илинден бр.2, 1000 Скопје или преку предавање во архивата на Владата на Република Северна Македонија, секој работен ден од 8:00 до 16:00 часот.
На предната страна на пликот во горниот лев агол да пишува „НЕ ОТВОРАЈ“, а под тоа „За реализација на програма за намалување на аерозагадувањето за 2019 година“.
Барањата кои нема да ги содржат бараните податоци на овој јавен повик, ќе се сметаат за некомплетни и нема да се разгледуваат.
V. РОК НА ДОСТАВУВАЊЕ НА БАРАЊЕТО
Јавниот повик ќе трае 10 (десет) дена од денот на неговото објавување во дневните весници, односно барањата треба да се достават најдоцна до 23.9.2019 година до 16:00 часот. Барањата кои нема да бидат доставени во предвидениот рок нема да бидат разгледувани.
VI. ПОСТАПКА И КРИТЕРИУМИ ЗА ИЗБОР НА КОРИСНИЦИ И ОДОБРУВАЊЕ НА БАРАЊЕТО
Постапката за избор на корисниците – малите и средни претпријатија за реализација на Програмата за 2019 година, ја спроведува Комисија формирана од страна на Генералниот секретаријат, составена од 5 членови и 5 заменици- членови, и тоа: еден член и еден заменик- член од редот на вработените во Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат, еден член и еден заменик - член од редот на вработените во Министерството за животна средина и просторно планирање, еден член и еден заменик - член од редот на вработените во Министерството за финансии, еден член и еден заменик - член од редот на вработените во Министерството за економија, еден член и еден заменик- член од редот на вработените во Министерството за локална самоуправа.
Комисијата одлучува врз основа на доставените барање и комплетната документација, а согласно следните критериуми:
- За субјекти чие седиште е во град/општина со мерна станица согласно Државниот автоматски мониторинг систем
Критериуми | Бодови |
---|---|
Граничните вредности на емисиите во воздухот содржани во Годишниот извештај за работата на инсталацијата согласно условите препишани во дозволата Б-ИСКЗ, којшто операторот на инсталацијата треба да го достави до соодветната општина, како и елаборатите за заштита на животната средина за 2018 година. | 50 |
Број на вработени на неопределено полно работно време | 20 |
Број на денови со надминување на концентрациите на PM10 и PM2.5 над среднодневни гранични вредности за 2018 година | 15 |
Висина на просечна годишна концентрација на PM10 и PM2.5 | 15 |
Вкупно бодови | 100 |
- За субјекти чие седиште е во град/општина без мерна станица согласно Државниот автоматски мониторинг систем
Критериуми | Бодови |
---|---|
Граничните вредности на емисиите во воздухот содржани во Годишниот извештај за работата на Инсталацијата согласно условите препишани во дозволата Б-ИСКЗ, којшто операторот на инсталацијата треба да го достави до соодветната општина, како и елаборатите за заштита на животната средина за 2018 година. | 50 |
Број на вработени на неопределено полно работно време | 50 |
Вкупно бодови | 100 |
VII. ВИСИНА НА ФИНАНСИСКИТЕ СРЕДСТВА ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА ОПРЕМА
Поддршката за намалување на аерозагадувањето ќе се врши од предвидените средства во дел I од Програмата за изменување на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година, преку доделување опрема во согласност со дел I, точка 2. Доделувањето на опремата ќе биде за малите и средни претпријатија регистрирани како ТП, ДООЕЛ, ДОО од лица државјани на Република Северна Македонија чија основна дејност согласно Националната класификација на дејности е преработка на дрво и дрвна маса и производство на мебел.
VIII. ПРИЛОЗИ НА ЈАВНИОТ ПОВИК
Барањето е составен дел на Јавниот повик и може да се обезбеди во електронска верзија преку интернет-страницата на Владата на Република Северна Македонија: https://vlada.mk
IX. ДОПОЛНИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИИ
За дополнителни информации барателите може да се обратат до Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат на телефон 02/3118-022 и до Министерството за животна средина и просторно планирање на телефон 02/3251-449.