Вицепремиерот Анѓушев, МЗШВ Димковски и директорот Бабовски во посета на откупниот центар Ником во Градско - Инвестициите во откупните центри ги решаваат проблемите за откуп и пласман на земјоделските производи

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, министерот за земјоделство, шумарство и водостопаnство Трајан Димковски, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски и градоначалникот на Градско Роберт Бешовски, го посетија откупниот центар за овошје и зеленчук Ником во Градско, корисник на средства од ИПАРД 2 програмата.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека Владата посветува големо внимание на реализација на земјоделските политики, во насока на побрз и одржлив развој на оваа значајна економска гранка.

„Исклучително сум задоволен што тука можам да видам дека се прави токму она што треба во македонското земјоделство: потребно е да има откупни центри во коишто земјоделците ќе може да ги пласираат своите производи, а натаму тие да се продаваат. Тоа е нешто што недостига во македонското земјоделство многу години наназад. Гледаме дека оди добро, пласман има, а сите пари се веќе исплатени од сопствениците на откупниот центар кај земјоделците за она што е веќе откупено. Откупниот центар е направен по сите стандарди наметнати од ИПАРД 2 програмата, а она со што посебно се гордееме е тоа дека доколку ИПАРД 1 програмата до 2013 беше искористена само 17%, за ИПАРД 2 програмата која има уште две години за имплементација, имаме двојно поголем процент на реализација. Сметаме дека до крајот на ИПАРД 2, реализацијата ќе биде со рекордни бројки, највисоки од сите земји во регионот.  Покрај овој капацитет за чување и разладување на земјоделските производи, имаме уште една таква апликација којашто е во моментов во градба и се надевам наскоро ќе можеме да ја отвориме. Досега земјоделците во нашата држава практично ги продаваа производите по најниски можни цени бидејќи тие производи не може долго да траат и ова е единствен начин за подигнување на продажната цена на производите и да се обезбеди заштита на земјоделците. Она што мислам дека ќе биде следен чекор кој бара внимание, е да направиме преработувачки центри за храна, за што веќе и во Законот за финансиска поддршка ги вклучивме како област што сакаме да ја поддржиме од оваа година и интензивно разговараме со центри од развиените земји за да ги охрабриме да направат производни капацитети за преработка на овошје и зеленчук. Тоа треба да биде следен чекор во делот на земјоделските политики во државата“, потенцира Анѓушев.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, посочи дека мерките од ИПАРД2 Програмата овозможуваат инвестиции не само во изградба на преработувачки капацитети туку и во откупни центри, кои истовремено обезбедуваат сигурен пласман и решавање на проблемите со вишокот производи.

„Оваа успешна приказна е многу важна бидејќи решава еден од поголемите проблеми на земјоделците, а тоа е складирањето на земјоделските производи, особено овошните производи. Во овој откупен центар земјоделците може да ги пласираат своите производи со цел чекање на подобра цена и добро складирање на вишокот на производи. Борбата на земјоделецот е неговите производи подолго да трааат и со овие мерки од ИПАРД тоа  успешно се овозможува. Примарното земјоделство е секако најважно, но на тоа работиме секојдневно, на создавање на услови за сигурен пласман и откуп на земјоделските производи", изјави министерот Димковски.

Директорот на АФПЗРР Николче Бабовски информираше дека откупниот центар Ником е поддржан со 100 илјади евра, средства од ИПАРД 2 програмата.

„Задовоство е да се види ваков објект кој е пример за успешен  семеен  бизнис. Од првиот повик имаме рекордно аплицирање за искористување на ИПАРД 2 програмата, заклучно со последниот повик се работи за сума од околу 40 милиони. Од тие, 5,1 милиони евра се веќе се вратени кај земјоделците. Полека ги развиваме сите делови на агробизниот“, нагласи Бабовски.

Сопственикот на Ником, Ристе Јанев, информираше дека вкупната инвестиција за изградба на откупниот центар изнесува 24 милиони денари, а една четвртина од средствата се поддршката која ја добиле од АФПЗРР.

„Вкупната инвестиција е 24 милиони денари, а од ИПАРД програмата сме поддржани во делот на разладните комори и партерното уредување со 6.200.000 денари. Тоа е голема помош за нас како стопанственици за развојот на фирмите. Ова е прв објект во Градско за откуп на земјоделски производи и се надеваме ќе бидеме тука и наредните години за да се откупуваат земјоделските производи“, подвлече Јанев.

Градоначалникот на Градско Роберт Бешовски, рече дека овој откупен центар има големо значење за развојот на земјоделството во општината и ги повика сите земјоделци од Градско своето производство да го понудат токму тука.