Пешевски: Проекциите на Стопанската комора остварливи, но не и во услови на глобална економска криза
Се наоѓаме во економски тежок период, компаниите треба да бидат свесни за тоа. Стапките на раст особено во Европа не се многу високи, дури постојат можности за рецесија. Затоа ќе биде императив да се задржи стабилноста на економијата, но без да се заборават инвестициите зашто оние што вложуваат во најтешките времиња обично се најподготвени за идни успеси, изјави вицепремиерот Владимир Пешевски по денешното одбележување на јубилејот - 90 години постоење на Стопанската комора на Македонија.
Според него, за Македонија се сосема остварливи проекциите на Стопанската комора до 2022 година во случај на нормален раст на европската економија од два до три отсто.
- Стапките на раст над пет отсто не се невообичаени и невозможни за Македонија. Со актуелните владини политики и со развојот што го прават компаниите, ова се реални стапки, но во услови кога не би постоела економска криза во светот. За жал, годинава најверојатно такви стапки не е реално да се очекуваат. Сепак, доколку економската криза се намали, македонската економија е во состојба да расне најмалку двојно повеќе од она што е просек за ЕУ, нагласи Пешевски.
Владата има подготвено програми за стимулација на извозот. Дел од нив се реализираат преку Македонската банка за поддршка на развојот. Сепак, смета вицепремиерот, во оваа насока може да се стори повеќе.
- Тешко е да се креираат мерки за стимулација на извозот директно кон одредени пазари, но може да се создадат дополнителни мерки за полесен пристап до обртен капитал за фирмите кои извезуваат, рече Пешевски.
Тој уште еднаш напомена дека Владата исклучително води сметка за предлозите на коморите со цел подобрување на економските политики.
- Најчесто нема разлика меѓу тоа како компаниите и Владата гледаат на тоа, но мора да ги земеме предвид и другите интереси во општеството зашто сме одговорни за севкупните, не само за економските случувања. Оттука, мора да се прави баланс со средствата на Буџетот, подвлече Пешевски.
Антони Пешев, член на Собранието на Стопанската комора на Македонија, оцени дека предупредувањето за претстојниот тежок период на економски план се однесува на следната, 2013 година. Како и во годините дури и на војна, годините на најголемата криза не се одразуваат драматично на функционирањето на компанијата во смисла на нивно комплетно настанување. Треба да се внимава на краткорочно планирање на постапките кои би овозможиле подолгорочно одржливост на бизнисите во период барем до три години.
- Најтешката година ќе биде по 2012-та зашто во овие 12 месеци ќе бидат искористени последните атоми на резервите кои компаниите ги чуваат. Не е тајна дека македонската економија има ниско ниво на резерви. Очекуваме банките во овој сегмент, особено НБРМ, да имаат разбирање за олабавување на т.н. рестриктивни мерки врз кои можат да влијаат. Така би се олеснила кредитната политика и би им се овозможило на компаниите со планови за развој да го интензивираат овој сегмент, рече Пешев.
Годинава можеби ќе биде тешка, додаде, од аспект на тоа што Македонија соработува со голем дел од земјите на ЕУ чии економии моментно доживуваат пад на индустриското производство и на развојот што секако ќе се одрази и врз нашата економија.
- Владата не може да остане настрана од договарањето со економијата како да се одржат функционалните механизми во движење што ќе значи, на долги стази, можност одредени сектори да повлечат зголемен економски раст. Ние сигнализиравме дека очекувањата за економски голем раст над нулата се неосновани. За нас изненадување е тоа што сега имаме ревизија на стапката на раст, меѓутоа ќе бидеме многу задоволни ако стапката на раст во Македонија остане над нулата. Тоа значи дека ќе влеземе во елитното друштво на земји кои имаат позитивен раст што во овој момент е и реално за очекување, но и на тоа треба да се работи, истакна Пешев.