Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, министерот за образование и наука, Арбер Адеми, заменик министерот за здравство, Асим Муса, претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс и Британската амбасадорка во Северна Македонија Рејчел Галуеј, денеска го посетија Центарот за функционална проценка и поддршка на деца и млади каде се применува нов модел на проценка на децата со попреченост-МКФ. Новиот модел овозможува анализа на потенцијалот на детето и што тоа може да постигне, но и кои се пречките во средината кои му создаваат бариери, да го постигне својот целосен потенцијал.
Министерката Царовска истакна дека од мај до сега процесот го поминаа 250 деца и млади и ги повика родителите да ги донесат децата во центарот бидејќи проценката е многу важна за нивната инклузија.
„Голема благодарност до УНИЦЕФ и до Британска амбасада за поддршката за отворањето на овој центар, кој работи по најсовремени стандарди и меѓународно признаени пракси. Преку овој процес ќе знаеме каде да ги насочиме децата и кои пречки треба да ги отстраниме како држава за тие да може да го постигнат нивниот максимален потенцијал и да допринесат во општеството. Северна Македонија до сега имаше застарен модел на проценка кој беше траума за родителите и нивното дете, бидејќи етикитираше и дискриминираше поради што најчесто го избегнуваа. Сега нудиме еден целосно нов модел од кои сите треба да имаме бенефит“, рече Царовска.
Министерот за образование и наука, Арбер Адеми рече дека новиот Закон за основно образование, обезбедува целосна инклузија на овие ученици во општинските основни училишта. Во секоја паралелка ќе може да бидат запишани најмногу два ученика со попречености, со единствена цел, избегнување на нивно групирање и изолирање во само една паралелка.
„Инклузивното образование е една од врвните приоритети на Министерството за Образование и наука и на Владата на Република Северна Македонија, и за ова цел се преземени и конкретни чекори. Во новиот Закон за основно образование стои многу јасно дека од учебната 2022/2023 година сите деца кои имаат попреченост во нивниот развој ќе бидат вклучени во редовните паралелки. Но притоа за овие деца ќе треба да се направи функционална проценка од страна на професионалните експерти, кои ќе бидат сместени токму во просториите на Центарот што го посетивме денеска. Заедничкиот цел на сите институции на државата, министерства и нашите меѓународни партнери како што се УНИЦЕФ и Британската Амбасада во Скопје е да им се обезбедува целосна инклузија во училиштата и во општеството“, рече Адеми.
Заменик министерот за здравство д-р. Асим Муса истакна дека отворањето на овој пилот Центар за функционална проценка според МКФ е доказ дека националната здравствена политика ја призна важноста на ваквите глобални напори.
„Министерството за здравство од самите почетоци на идејата, активно се вклучи во интерсекторскиот проект за подготовка на новиот модел на функционалната проценка за дополнителна образовна, здравствена и социјална поддршка на дете или младинец, базиран на Меѓународната Класификација на Функционалности како значајна реформа базирана на светските текови за давање на потполна поддршка на најмладата популација во општеството подготвен од Светската здравствена организација, со активна поддршка при спроведување од организацијата на УНИЦЕФ во земјава“, потенцираше заменик министерот Муса.
Британската амбасада и УНИЦЕФ дадоа значаен придонес за функционирањето на овој Центар.
„Посветени сме на подобрување на практиките за социјална кохезија и различности во Северна Македонија. Затоа сме многу среќни што го поддржавме проектот на УНИЦЕФ - Основа за иднината. Овој проект е дел од нашите пошироки напори за подобрување на животот на сите деца и за давање поддршка на реформите во образовниот систем,“ рече амбасадорката на Велика Британија, Рејчел Галуеј.
„Отворањето на овој центар е големо достигнување за инклузивните практики во здравството, образованието и социјалната заштита кои ќе обезбедат децата и семејствата да добијат поддршка неопходна за достоинствено детство во кое ќе се развиваат и напредуваат. Без оваа значајна работа децата со попреченост и понатаму ќе бидат меѓу оние што се под ризик од напуштање, сегрегација, исклученост и зависност од другите“, рече г. Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.
Новиот модел на проценка се спроведува во Скопје во зградата на поранешниот дом „11 Октомври“, каде функционира едно национално и две стручни тела за процена.
Во постапката на проценка вклучени се и родителите (старателите), како рамноправни членови на тимот. Проценката, во зависност од потребите на детето освен во центарот се прави во домот, градинка, училиште. Работата на сите стручни тела е стандардизирана и во тек е воведување централна електронска база.