Презентирани новите регистарски таблички, почнуваат со применува од понеделник

Новите регистарски таблички, кои ќе почнат да се применуваат од понеделник, најпрво во Скопје, а потоа до крајот на неделата и во другите градови во земјава, денеска беа презентирани во компанијата „Раде Кончар - Контрактори и релеи“, која ќе ги изработува табличките во наредните три години.

На презентацијата присуствуваше министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска која истакна дека новите таблички се согласно европските стандарди, поседуваат далеку повисок степен на заштита од досегашните и ќе понудат комбинации со што ќе се задоволат потребните во наредните две до три децении.

- Старите табличките кои се издаваа скоро 20 години, односно од 1993 година заминуваат во историјата, а очекуваме дека со оглед на бројот на комбинации новите ќе се издаваат во наредните 30-тина години. За разлика од старите новите ќе имаат четири бројки кои заедно со 20-те букви кои се користат, овозможуваат околу 4 милиони комбинации кои се многукратно повеќе од сегашните, рече министерката и додаде дека во последните две години се бележи тренд на зголемување на број на возила за кои се издаваат нови регистарски таблици, така што во 2010 и 2011 година издадени се 115.473 таблички, што е приближно двојно повеќе во однос на претходниот двегодишен период и се очекува новите таблички да ги задоволат потребите на идните сопственици на возила за подолг период.

Цената на новите таблички е како и досега 1.200 денари, со тоа што граѓаните нема да бидат обврзани да ги сменат старите. - Тоа што е најважно за граѓаните е фактот дека согласно донесениот правилник тие нема да бидат изложени на непотребни трошоци, односно старите регистарски таблички кои веќе ги поседуваат ќе важат и во иднина и не постои законска обврска тие да бидат сменети, освен доколку граѓанинот не сака да го стори тоа, истакна Јанкулоска.

Новите таблички ќе се издаваат доколку возилото за прв пат се регистрира на територијата на Република Македонија, при промена на регистарско подрачје или при замена на изгубена регистарска таблица, односно како и досега.

Новина е што се воведуваат регистарски таблици означени на поинаков начин по барање на сопственикот. Тие ќе може да содржат најмлаку три, а најмногу девет црни букви и броеви, при што натписот немее да биде провокативен, неетички или спротвен на правниот поредок на Република Македонија. Ќе се прицврстуваат на предниот дел на возилото. Цената за овие таблички е 1.200 евра во денарска противвредност.

„Раде Кочар-Контрактори и релеи“ ги изработуваше и досега регистарските таблички. На тендерот објавен на 30 септември минатата година преку електронскиот систем за јавни набавки со отворена постапка даде најповолна понуда од 18.981.770 денари за разлика од останатите кои се движеа од 21.952/142 денари, па се до 37.908.500 денари.