Министерот Кралев очекува нормализирање на наставата во сите општини

Министерот за образование и наука Панче Кралев очекува, поради подобрените временски услови, идната недела училишната настава да продолжи редовно во најголем дел од општините.

Кралев заедно со министерот за информатичко општество и јавна администрација Иво Ивановски денеска присуствуваше на свеченоста на Економскиот факултет во Прилеп по повод почетокот на постдипломските студии за мастер бизнис администрација на англиски јазик, први од ваков тип во Македонија и на Балканот.

- Остануваат проблем дел општини во западна Македонија каде се уште постојат поголеми снежни наноси. Тука пред се станува збор за т.н. подрачни училишта кои се надвор од урбаните средини. Таму, зависно од текот на подобрувањето на условите, постепено ќе се нормализира наставата. Во секој случај, очекуваме идната недела наставата целосно да се нормализира во сите македонски училишта, рече Кралев, одговорајќи на новинарско прашање.

Според него, комбинацијата од одработување во саботите или евентуално продолжување на учебната година за неколку дена може да го реши проблемот со загубените часови.

Новата програма за постдипломските студии на Еконосмкиот факултет во Прилеп се реализира во соработка со Френклин универзитетот од САД. Како што истакна ректорот на Битолскиот универзитет Златко Жоглев, првата генерација студенти ќе стекне нови теоретски и практични знаења неопходни за раководење и развој на бизнис секторот. Ќе им предаваат наши и професори од Френклин универзитетот.

- Студентите се вид амбасадори кои ќе пренесат важна порака до колегите, што значи да се добијат повисоки квалификации и диплома валидна секаде во светот. Оваа програма има двојно значење, не само за соработката меѓу двата универзитета, туку и за знаењата со кои ќе се стекнат студентите. За Владата е многу битно кога менаџерите сакаат да се надградуваат, а овие програми ќе отворат и многу други можности, нагласи министерот Кралев.

Министерот Ивановски додаде дека е многу важно што студентите ќе стекнат диплома која ќе важи секаде во светот без да заминаат на школување надвор од државата.

На денешната пригодна свеченост беа доделени вкупно 13 стипендии, пет владини целосни стипендии и осум делумни од кои шест од Франклин универзитетот од САД и две од битолскиот „Свети Климент Охридски”.