На третиот Форум за управување со интернет што денеска се одржа во Скопје со свој придонес на темите отворени на форумот, говореа министерот Роберт Поповски задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, заменик министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски, и Марјан Забрчанец посебен советник за односи со јавност на претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев.
Министерот Поповски во своето обраќање рече дека иако терминот „управување“ подразбира дека управувањето со интернетот подразбира одредена рамка на правила, управувањето со Интернет мора да се погрижи Интернетот да остане глобален, отворен и слободен простор, и простор каде луѓето уживаат исти права и имаат ист степен на заштита.
„Во нашата земја, која не многу одамна имаше сериозни проблеми со слободата заради репресивните политики во сферата на медиумите и слободата на изразувањето, интернетот беше единственото место за слободоумната мисла. Затоа наша обврска е да ги направиме можностите на Интернет отворени за сите: Со намалувањето или целосното укинување на дигиталниот јаз, со гаранции за еднаков пристап и со овозможување придобивките од мрежата да им припаѓаат на сите. Без исклучок. Во таа насока на Форумот за управување со интернетот Македонија гледам како на точка од која на креирањето на нашата визија ќе и посветиме поизострен фокус и поголема енергија со колку што е можно пошироката инклузивност на сите засегнати страни. Интернет просторот им припаѓа на сите. Ниту една страна нема, ниту може да има ексклузивно право во оваа сфера“, рече министерот Поповски во своето обраќање.
Посебен акцент на овој настан министерот Поповски стави на справувањето со манипулативната пропаганда на интернет како мрежа преку која изворите на лажните вести се „пуштени“ на максимум.
Како една од мерките за борба против лажните вести од Планот за одлучна акција против ширењето на лажните вести на Владата на Северна Македонија ја издвои медиумската писменост која ќе биде многу позастапена во образованието, и дека во еден процес на активно партнерство со граѓанскиот сектор ќе се спроведат програми и тренинзи за медиумска писменост и за вработените во државната администрација.
Заменик министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, во еден дел од своето обраќање се задржа на имплементацијата на 5Г во Република Северна Македонија за значителен пораст на квалитетот интернетот за корисниците, за поголема сигурност и за проширување на бројот на понудени услуги за граѓаните.
„Клучната мерка за поддршка на Националниот оперативен бродбенд план е создавањето на јавна оптичка мрежа, која главниот фокус го става на максимизирање на поволностите од имплементацијата на 5Г, вклучително и развојот на економскиот пазар преку поддршка и развој на нови услуги во различни вертикални сегменти на пазарот“, истакна заменик министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски.
Во делот на панелот на Форумот за управување со интернетот посветен на темата „Mедиуми – медиумска писменост, регулација – саморегулација – борба против дезинформации“, Марјан Забрчанец, посебен советник за односи со јавност на претседателот на Владата Заев, истакна дека владата тргнува од својата програмска и стратешка определба за објективно и транспарентно информирање за своето работење, и дека следејќи ги овие принципи од последна во регионот денеска е лидер по транспарентно работење и информирање на јавноста за своите политики.
„Најголем непријател на лагата е вистината, и затоа напорите и политиките на сите засегнати страни треба да одат во насока на обезбедување канали за ширење на вистината. Треба да го поттикнуваме сомнежот и да создаваме критички настроена јавност која ќе има капацитети да ги препознава лагите и да ја шири вистината. Најважно е да се прашаме што можеме сите ние да направиме во борбата против лажните вести и дезинформации, сите засегнати од овој феномен, за да се справиме со оваа појава која сериозно ги поткопува демократските вредности, ја поттикнува омразата и конфликтите. Медиумската писменост е само една од мерките и за таа цел веќе е покрената иницијатива со граѓанскиот сектор кој има одлично искуство во оваа сфера, и со институциите на Владата, пред сѐ Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, да се исцртаат контурите за најдобар, применлив и одржлив модел за медиумска писменост во образованиот процес“, информираше Забрчанец, и додаде дека во делот на соработката со медиумите на овој план, Владата целосно ќе ја поддржува саморегулацијата како методологија според која медиумите самите ќе понудат решенија според професионалните кодекси и стандарди, и во таа насока истакна дека е од особен придонес е листата на медиуми кои се придржуваат до овие начела што ја подготвуваат Советот за етика во медиумите и Здружението на новинарите.