Прием за амбасадорите на САД во регионот на Југоисточна Европа

Министерот за надворешни работи Никола Димитров вечерва приреди работен прием за амбасадорите на САД во регионот на Југоисточна Европа кои, под раководство на заменикот помошник државен секретар и специјален претставник за Западен Балкан, Метју Палмер, одржуваат советување во Скопје.

Во обраќањето пред амбасадорите на САД во Северна Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Словенија, Хрватска, Бугарија, Грција и Албанија, високите претставници на Стејт Депертментот и претставници на Министерство за надворешни работи, министерот Димитров изрази задоволство од изборот на нашиот главен град за место на одржување на регионално советување на американските амбасадори.

Министерот Димитров изјави: „Дојдовте во интересно време. Благодарни сме што споделуваме заедничка визија за Регионот. Завршивме голема работа,направивме големи работи кои не се прават често во регионот, а тоа се компромиси. Продуцираме идинина, за доброто на нашата земја, но и за регионот. Ова е дополнителна потврда и за цврстото и продлабочено партнерство меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, додавајќи дека регионалното советување на амбасадорите на САД во Скопје претставува можност и за продлабочена размена на мислења со земјата домаќин за значајни прашања од заеднички интерес.”

Министерот Димитров во оваа прилика се заблагодари и за неодамнешната ратификација на пристапниот протокол за НАТО во американскиот Сенат, а ја потенцираше и важноста на Стејт Департментот во профилирањето на американската политика на продлабочена соработка и стратешко партнерство со Република Северна Македонија.