Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ОН за лицата со попреченост иницираше подготовка на системско решение за дополнителна поддршка на лицата со попреченост

Во организација на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост при Владата на Република Северна Македонија, на 15 ноември се одржа министерски координативен состанок, во однос на потребата од изнаоѓање законско решение за институционализација на Стручните тела за проценка на дополнителна образовна, здравствена и социјална поддршка на деца и млади, согласно Меѓународната класификација на функционирање (МКФ).

На состанокот кој го водеше г. Спасе Додевски, национален координатор-претседавач со Националното координативно тело,  беа присутни министерот за здравство Венко Филипче, министерот за образование и наука Арбер Адеми, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, како и претставници од стручните тела за проценка на дополнителна образовна, здравствена и социјална поддршка на деца и млади и од Канцеларијата на УНИЦЕФ.

На средбата беше заклучено дека е потребно во најбрз можен рок да се реализира идентификуваното системско решение за стручните тела и при што ќе се почитуваат одредбите од Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост и ќе ги содржи принципите на работа согласно МКФ.

Функционалната проценка треба да ги пропишува сите сервиси за поддршка на децата со попреченост, како и обезбедување обучен и искусен кадар со долгогодишна пракса кои ќе го користат посочениот модел во нивната работа.

Во наредниот период ќе следуваат интензивни работни средби со клучните министерства, до конечна реализација на договореното системско решение.