Се финализираа договорите за соработка со општините од Североисточниот плaнски регион за „СПРОВЕДУВАЊЕ НА ПРОЕКТИ ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА РЕГИОНАЛЕН СИСТЕМ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ОТПАД ВО СЕВЕРО-ИСТОЧНИОТ ПЛАНСКИ РЕГИОН ВО РАМКИТЕ НА ИПА 2 програмата” финасирана од Европската Унија.
Имено, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини и Максим Димитриевски, градоначалник на општина Куманово и претседател на Североистчниот плански регион, Борјанчо Мицевски, градоначалник на општина Крива Паланка и претседател на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад на Североисточен плански регион, Љупчо Бојаџиев градоначалник на општина Кратово и Ивица Тошевски градоначалник на општина Ранковце, потпишаа договори за соработка, со цел да се воспостави формална договорна основа за успешно спроведување на шест проекти планирани во рамките на Повеќегодишната Секторска оперативна програма за животна средина и климатски акции за ИПА II (2014-2020).
Овие договори претставуваат основа за потпишување на шест договори за спроведување на проекти за воспоставување на регионален систем за управување со отпад во Североисточниот плански регион во рамките на ИПА 2 од страна на градоначалници на општините Куманово, Ранковце, Кратово и Крива Паланка.
Со Договорите се уредуваат правата и обврските за соработка помеѓу Министерството за животна средина и просторно планирање од една страна и општините од друга страна како крајни корисници на грант средствата од ИПА II, за проектите за воспоставување на интегриран финансиски самодржлив регионален систем за управување со отпад во Источниот и Северо-источниот регион, како и обезбедување на финансиска одржливост на проектите.
Општините се договорија да ги превземат сите потребни активности, согласно со националните законски прописи, за формирање на Меѓуопштинско јавно комунално претпријатие кое ќе управува со централната депонија и придружната регионална инфраструктура за регионално управување со отпадот (претоварни станици) во Источниот и Северо-источниот регион.