Државата има максимална флексибилност, секогаш можеме да направиме ребаланс, да интервенираме со средства, ликвидноста на државата е голема. Народната банка ги следи трендовите, ние сме стабилна држава и можеме да реагираме, рече Премиерот Заев на јавната дебата по повод Предлог-буџетот за 2020 година на НРТВ, поврзано со извештајот на меѓународниот монетарен фонд.
За Извештајот на Меѓународниот монетарен фонд, министерката за финансии Нина Ангеловска, рече дека ММФ е институција која секогаш има конзервативен пристап и е претпазлива при давање на заклучоци, но дека нејзините коментари не се негативни во однос на нашата земја.
„Во однос на Извештајот пишува дека се очекува да забави растот на приходната страна заради релаксацијата на даночните политики. Тоа не значи дека се очекува да паѓа или дека е негативен коментарот. Од друга страна, коментарот на расходната страна вели дека овие мерки, номиналната плата и покачувањето, напротив ќе овозможат брзо инјектирање што ќе придонесе до раст на приватната потрошувачка која што очекуваме да го движи економскиот раст кој што е проектиран на 3,8 проценти“, рече Ангеловска додавајќи дека позитивно се оценети реформите и се охрабрува Владата да продолжи со нив.
Во однос на прашањето дали во буџетската проекција постои резервен план доколку се појави опасност од нова економска криза во европски и светски рамки, министерката Ангеловска рече дека во Извештајот и заклучоците од Меѓународниот монетарен фонд не постојат вакви наговестувања.