Од денеска пред очите на јавноста ставаме финансиски податоци за над дванаесет и пол милиони трансакции. Стандардите се поставени. Секогаш кога некое министерство, агенција или државна управа ќе извршат уплата на пари, трансакцијата во рекордно време ќе биде јавно достапна за увид на сите во државата, соопшти Претседателот на Владата Зоран Заев на прес-конференција на која се промовираше веб платформата „Отворени финансии“ ( open.finance.gov.mk ).
На настанот на кој присуствуваа и министерката за финансии Нина Ангеловска, министерот за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски и претставници на УСАИД и ИРИ, премиерот Заев истакна дека денеска е празник на транспарентноста и отчетноста во Република Северна Македонија бидејќи конечно се отвори државниот Трезор на Министерството за финансии, и на увид на граѓаните се ставени минатите, сегашните и ќе бидат ставени сите идни финансиски трансакции на буџетските корисници.
Премиерот Заев упати благодарност и за Меѓународниот републикански институт (ИРИ) и УСАИД, без чија финансиска поддршка, имплементацијата на овој проект ќе беше невозможна.
„Отворање на трезорот и сите податоци во него, е една од најголемите мерки во насока на намалување на корупцијата и неправилностите во работењето на државните институции, како и штедење на парите на граѓаните. Со ова ниво на транспарентност и отчетност, граѓаните, медиумите и граѓанските организации ќе можат слободно да ги истражуваат плаќањата на институциите и да согледуваат дали некоја институција форсира економски оператор или префрлува пари на едни исти физички лица за различни работи. Платформата „Отворени финансии“ во иднина ќе биде коректив на работењето на институциите и силна барикада за корупцијата, непотизмот и останатите неправилности кои ги среќаваме во институциите“, нагласи премерот Заев.
Во првата фаза е планирано на платформата „Отворени финансии“ да се објавуваат трансакциите на буџетските институции на Централниот буџет, а тоа се институциите од Основен буџет (министерства, агенции, управи итн.) и социјалните фондови, а во втората фаза ќе се објавуваат и трансакциите на единиците на локална самоуправа и нивните буџетски институции.
Платформата „Отворени финансии“ им се придружува на платформата „Отворени податоци“, на Алатката за отчетност на Владата која ги покажува личните службени трошења на функционерите, и на новите сервисни веб страни на Владата и министерствата на кои се работи и кои ќе содржат информации кои порано беа целосно недостапни.
Министерката за финансии Нина Ангеловска потенцираше дека порталот „Отворени финансии“ е еден од клучните резултати од големата реформа на јавните финансии, во чија основа е транспарентноста со што заложбата на оваа Влада за транспарентно, ефикасно и ефективно управување со јавните финансии, станува реалност и претставува чекор напред на европскиот пат.
„Денес го отклучуваме Трезорот за граѓаните. Ова е „декласифицирање“ на податоците за трансакциите на буџетските корисници. Покажуваме дека имаме институционален капацитет за големи демократски чекори. Транспарентноста е основна демократска алатка. Таа ја ограничува манифестацијата на моќ и поттикнува поодговорно и поправедно трошење на буџетските средства поради стравот од фаќање во нелегална активност. Тоа е повратниот ефект на транспарентноста врз намалување на корупцијата. Пристапот на граѓаните и граѓанското општество до информации за располагањето со буџетските средства поттикнува нивно разумно и одговорно трошење“, истакна министерката за финансии Ангеловска.
Министерот за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски информираше дека според истражувањето на „Action SEE“ за транспарентност, отвореност и отчетност на извршната власт во регионот на Западен Балкан за 2018 година, Владата на Република Северна Македонија, заедно со Црна Гора е лидер во регионот според индексот на отвореност, кој изнесува 78% во однос на исполнување на индикаторите.
„Трендот е растечки во последните две години и донесе пресврт во рангирањето на нашата земја, ако се знае дека во 2016 година бевме на последното место со само 52% исполнети индикатори. Она што заслужува посебно позитивно внимание во ова истражување за транспарентност, отвореност и отчетност на извршната власт во регионот на Западен Балкан е првото место на нашата земја во подкатегоријата „Објавување граѓански буџет“ за што се исполнети дури 87% од индикаторите за транспарентност, отвореност и отчетност. Земјите на второто и третото место исполнуваат 40% и 24%, што претставува сериозна разлика во полза на Северна Македонија“, рече Поповски.