Отворен Саемот на турски извозни компании

На Скопскиот саем денеска е отворен Саемот на турски извозни производи што се одржува втора година по ред. На саемот учествуваат 42 турски компании заинтересирани за инвестиции во Македонија.

На изложбен простор од 2.000 метри квадратни во текот на следните три дена ќе бидат презентирани производи од фармацевската и прехранбената индустрија, земјоделството, хотелска опрема, стакларија, обувки, медицина, играчки, образование, туризам, безбедносни системи, мебел, текстил, средства за домаќинства, мода и градежни материјали.

Саемот го отвориja министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми, турскиот амбасадор во земјава Ѓурол Сокменсуер и директорот на Агенцијата за странски инвестиции Висар Фида.

Според министерот Адеми, саемската манифестација треба да ги отслика вистинските односи што ги има Македонија со Турција, но и да отвори нови можности за продлабочување на традиционалните добри односи што постојат меѓу двете држави.

- Тука, на едно место се собрани потенцијалните турски инвеститори што се заинтересирани да ја прошират својата дејност во Македонија. Тоа само го докажува фактот дека Македонија во овој момент има најдобра клима за инвестирање, но покажува и дека оваа саемска манифестација отвора нови можнсоти за продлабочување и на така добрите односи со Република Турција, рече Адеми.

Тој додаде дека има простор за продлабочување на економските односи меѓу двете држави и најави дека како Влада ќе работат на зголемување на трговската размена.

- Во тоа се уверив на почетокот на овој месец кога со целиот економски тим на Владата бевме во посета на неколку градови во Турција и ќе презентиравме поволностите што ги нуди Македонија за инвеститорите. Интересот беше огромен од страна на турските компании. На нашите форуми условите за инвестирање ги слушнаа околу1.700 компании што не бројка за занемарување, рече Адеми.

Директорот на Агенцијата за странски инвестиции Висар Фида ги повика турските бизнисмени да инвестираат во Македонија, притоа посочувајќи ги поволностите што им се нудат на странските инвеститори.

- Турција е дефинирана како една од земјите од која се очекуваат инвестиции токму во производството на автомобилски компоненти, земјоделство, преработка на храна, информатичката технологија, фармацевска индустрија, медицина и.т.н., нагласи Фида. 

Турција се вбројува меѓу 10-те најдобри трговски партнери на Македонија. Минатата година турските инвестиции во Македонија изнесуваа 72 милиони долари, додека трговската размена меѓу двете држави во 2011 година беше околу 410 милиони долари. 

Организатори на саемската манифестација се Стопанската комора на Македонија - Турција (МАТТО), „Меридијен“, турското Министерство за економија, трговските комори на Анкара и на Ескишехир, како и Агенцијата за развој на Тракија.

Саемот на турски извозни производи првпат се одржа минатата година, а го посетија 7,5 илјади гости.