Министерот Кралев во прва работна посета на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип

Министерот за образование и наука  Панче Кралев денеска беше во прва работна посета на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и имаше средби со професорите и студентите на сите 13 факултети.

- Импресиониран сум од тоа што го видов, ова е една модерна високобразовна институција која рамо до рамо може да се носи со секој европски  универзитет. Посебно внимание привлекува просторот за лабораториите кои ги обезбедува Министерството за образование и наука. Меѓутоа и опрема која е набавена од универзитетот, со што се стимулира научно-истражувачката работа. Вкупната инвестиција во опрема, со средства од Владата, од Универзитетот или од трети програми, достигнува до околу 10 милиони евра, изјави Кралев.

Министерот информираше дека со ректорот на Штипскиот универзитет Саша Митрев разговарал за проширување на Академијата за музичка уметност и од наредната година таму да се воведе отсек за ликовна уметност, на кој ќе предаваат домашни и професори од светот.

Ректорот Митрев истакна дека е задоволен од тоа што е постигнато за пет години од постоењето на Универзитетот. Очекува до крајот на годинава да бидат реализирани проектите - објектот за Факултетот за туризам во Гевгелија, новата зграда на Ректоратот и сместување на студентите и професорите од Медицинскиот факултет во просториите на средното текстилно училиште „Димитар Мирасчиев“ во Штип.