Самак очекува позитивна година за Македонија во привлекувањето странски инвестиции
Министерот задолжен за привлекување странски инвестиции Веле Самак денеска изјави оти очекува 2012 да биде позитивна година на планот на привлекување нови странски инвестиции.
- Знам дека има дефинитивно нови проекти за кои има донесено одлуки и нови проекти кои ќе почне да се реализираат оваа година. Така што ова ќе биде доста позитивна година. Фокусирани сме онаму каде што некои фирми немаат донесено одлуки да успееме да добиеме позитивна одлука за нас, рече Самак кој денеска на Економскиот факултет во Скопје одржа предавање насловено „Лекции за идните генерации – искуствата од борбите во привлекување инвестиции“.
Тој информира дека преговорите во врска со 10-тина инвестиции најавени за годинава се во различни фази. Задоволен е и од фидбекот од досега организираните роуд шоуа за промоција на македонската бизнис клима пред потенцијалните инвеститори во повеќе земји.
Според него, конкурентските предности на Македонија зависат од спецификата на проектот, но пред се, вели, се фокусираат на тоа што гледано во пакет земјава нуди најдобри и најевтини конкурентни трошоци и најдобра продуктивност за тие трошоци.
На предавањето организирано од студентската организација АИЕСЕК Скопје, Самак се осврна на теми и вредности поврзани со образованието, успехот, лидерството и тимската работа, а во контекст на личните искуства при справувањето со поголеми, помоќни и поискусни конкуренти во привлекувањето странски инвеститори во Македонија.