Министерот Бесими во посета на војниците на АРМ на обука на Попова Шапка

„Спортот е една значајна и здрава активност за припадниците на АРМ, а здравјето пред сè е главен аспект на психофизичката способност на војниците“, истакна министерот за одбрана, Фатмир Бесими, за време на посетата на припадниците на Армијата на Република Македонија на Попова Шапка, каде во тек е обука по скијање, активност организирана заедно со Вооружените сили на Австрија.

При посетата реализирана заедно со началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески, министерот Бесими посочи дека припадниците на АРМ се обучуваат според највисоките стандарди, факт кој сам по себе е видлив и преку резултатите кои континуирано се постигнуваат на домашните и меѓународните натпреварувања. „Имајќи ги предвид денешните натпревари во Крушево, како дел од 10. Куп во биатлон, сакам да потенцирам дека припадниците на АРМ освојуваат највисоки медали на спортски натпревари како што беше случајот на натпреварувањето  во Италија каде наш припадник доби златен медал“, посочи министерот Бесими кој додаде дека се надева на успешно презентирање на способностите на припадниците на АРМ и во иднина.

Овогодинешните активности на Министерството за одбрана и на Армијата на Република Македонија, како што посочи министерот, го носат белегот на јубилејот „20 години АРМ“, јубилеј во кој се вклопени сите успеси, но и предизвици за АРМ.

Генералот Котески воедно додаде дека покрај денешната посета на заедничката обука на припадниците на АРМ и на Вооружените сили на Австрија која трае две недели, беа согледани и активностите кои АРМ ги презема во помошта и подготовката на Шарпланинскиот куп.