Средба на министерот Никола Попоски со новоименуваниот амбасадор на Пакистан во Република Македонија, Н.Е г-дин Мухамад Харон Шаукат
Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски денеска го прими новиот вонреден и ополномоштен амбасадор на Исламската Република Пакистан, акредитиран во Република Македонија, а со седиште во Анкара, Н.Е г-дин Мухамад Харон Шаукат.
Новоименуваниот амбасадор, Шаукат ги предаде копиите од акредитивните писма, при што министерот Попоски, посакувајќи му добредојде, изрази надеж дека ќе се зајакнат и интензивираат билатералните односи меѓу Македонија и Пакистан.
На средбата заеднички беше нагласена потребата од динамизирање и конкретизирање на економската соработка, како и за зголемување на трговската размена и искористување на потенцијалите на двете земји.
Договорени се и активности за натамошно регулирање на договорната состојба, посебно во економската сфера, како основен предуслов за развивање на економските и на трговските односи, а особено во насока на привлекување на директни странски инвестиции во Република Македонија.